Столтенберг: Пет години по ред растат трошоците за одбрана на НАТО членките

Во пресрет на тензичниот самит на лидерите на членките на НАТО на 4 декември во Лондон, генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, се пофали со раст на трошоците за одбрана во сите земји членки на НАТО и сѐ поголем број на земји кои ја исполнуваат обврската да одвојат два отсто БДП за воената одбрана.

Земјите членки на Алијансата во 2014 се обврзаа дека до 2024 сите ќе ја исполнат оваа обврска, оваа година девет од нив ја постигнале стапката, додека трошоците за одбрана растат пет години по ред.

– Ова е петта последователна година на раст кај сите сојузници, сојузници додаваат милијарди и реалниот раст е од 4,6 отсто, што е над сто милијарди долари повеќе од тоа што беше инвестирано во 2016-та – изјави Столтенберг.
НАТО објави комплетен извештај за трошоците за одбрана на сите земји членки, резултат на комплексни пресметки на Алијансата. Врз основа на проектираните трошоци што ги поднеле сите земји, Алијансата заклучува дека акумулираниот раст ќе биде 400 милијарди долари, „што претставува напредок без преседан“, смета генералниот секретар.

– Сите сојузници ги зголемија трошоците и сѐ повеќе сојузници ја исполнуваат обврската од два проценти БДП, оваа година девет сојузници ќе ја исполнат, пред неколку години беа само три земји, а мнозинството сојузници има план да ја постигне стапката до 2024-та, на добар пат сме, но не смее да се опуштиме – изјави првиот човек на Алијансата.
Лидерите на сите 29 земји членки плус Македонија ќе се состанат во Лондон на трети и четврти декември. Дискусиите веќе се најавуваат како тензични по изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон дека НАТО е во состојба на „мозочна смрт“ и дека сака затоплување на односите со Русија.

Столтенберг вчера се сретна со Макрон во Париз, францускиот претседател остана на неговиот став и порача дека „непријателот“ не е Русија или Кина, туку „тероризмот“.

Генералниот секретар на Алијансата се согласува дека дијалогот со Москва е потребен и не претставува „знак на слабост“.

– Русија е наш сосед, треба да зборуваме со Русија, бидејќи се тука, потребен ни е дијалог за да се справиме со тешкиот однос, меѓутоа важно е да се задржи единството на сите сојузници по ова прашање. Единство кое јасно го покажаа земјите членки при разговорите за нуклеарната спогодба ИНФ, која САД ја напушти во август годинава повикувајќи се на постојаното нарушување на договорот од страна на Русија – изјави Норвежанецот потсетувајќи дека неговата земја во најтешките моменти од Студената војна успеала да одржи дијалог со Русија.
Во Лондон ќе стане збор и за Кина меѓу сојузниците.

– Сојузниците треба да ја имаат предвид модернизацијата на Кина, како и кинеското присуство од Арктикот до Балканот па сѐ до сајбер просторот – додаде Столтенберг.
На маса ќе бидат и телекомуникациските инфраструктури во рамките на развојот на 5Г технологијата.

Шефот на Северноатлантската алијанса призна дека се случува сојузниците да имаат несогласувања, но дека „секогаш успевале“ да ги надминат и да се обединат околу принципот на меѓусебна одбрана и заштита. Принцип кој Макрон исто така го доведе во прашање велејќи дека за него биле неприфатливи акциите на Турција против Курдите на Блискиот Исток без претходно Анкара да ги консултира другите земји членки на НАТО.

На дневен ред на разговорите на шефовите на држави и влади во Лондон ќе биде и вселената како оперативен домен на НАТО како и борбата против тероризмот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.