Саша Столиќ од Србија и Весна Кираџиева од Скопје се победници од машка и женска конкуренција на вториот Поштенски маратон, кој утрово се одржа во градот Прилеп. Зад Столиќ, кој истрча за време од 2:48:50, и Кираџиева со време од 3:20:47, второпласиран маратонец од машка конкуренција беше Александар Кираџиев 2:51:50, додека третопласиран Трпе Мартиноски со време од 3:16:39. Снежана Милошевиќ и Милјана Ристиќ беа второ и трето пласирани во женска конкуренција со време од 3:42:22, односно 3:47:33.
Увертира за почетокот на годинешното, второ по ред издание на Поштенскиот маратон беше Детската трка на 1 км. На патеката оваа година се одвиваа четири трки во неколку дисциплини: маратон од 42,195 метри, полумаратон од 21,097 метри и рекреативна трка од 5км на кои учествуваа повеќе од 200 натпреварувачи.
Собраните средства од котизацијата ќе бидат донирани на фондот за помош на
поплавените подрачја во Македонија, со што организаторите на маратонот и сите негови учесници се вклучија во хуманитарните активности по повод катастрофалната поплава која зафати неколку подрачја во Македонија.
Само еден месец пред неговото одржување, Прв Поштенски Маратон стана член на
најголемата асоцијација за маратони во светот “Асоцијацијата на интернационални
маратони и трки на далечина” (AIMS- Association of International Marathons and Distance
Races). Во оваа престижна организација членуваат 400 маратонски трки од повеќе од 120 земји и територии во светот.