Стефаноски: “Како не ви е срам? Пари за двојазичност имате, а за бранителите немате”

Она што беше само во главата на вмровците денеска го гледаме на виделина сите. Оваа табла позади мене е доказ дека Прилеп станува двојазичен и дека институциите во Прилеп стануваат двојазични – посочи на денешната прес конференција, Гоце Стефаноски, советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ од пред Фондот за здравство во Прилеп.

Прес конференцијата во продолжение ја пренесуваме во целост:

“Оваа табла е доказ за велепредавството на сопствениот народ од страна на златната петорка во Прилеп: Јованоски, Талески, Локвенец, Смилеска и Сугарески.

Каде се сега истите овие луѓе одново да ви кажат дека двојазичноста е само вмровска измислица?

Истите овие луѓе стоеа на бина заедно со нивниот лидер Зоран Заев и бесрамно лажеа цела маса луѓе, дека нема да има промена на државното име, нема да има двојазичен Прилеп и дека нема да има федерализација на државата….

Граѓаните се сеќаваат на вашите иронични насмевки кога ќе се спомнеа овие теми.
Дали овие двојазични табли ќе им донесат подобар живот на прилепчани?

Дали преку двојазичен Прилеп ќе ја подобрите катастрофалната состојба во прилепската болница или ќе им овозможите 100.000 плата на докторите, како и покачување на капитациониот бод за стоматолозите од 40 на 70, онака како што ветувавте пред изборите?

Ќе донесат ли овие табли 500 евра плата за граѓаните или можеби повисоки пензии за пензионерите?

За ова вaше лицемерие ќе следува уште поголем и уште покатастрофален пораз на следните парламентарни и локални избори. Граѓаните видоа дека сте ништо друго освен бесрамни лажговци.

Kaко не ви е срам да плаќате пари за двојазични табли, а да немате пари за прилепските бранители.

Како е возможно овие табли да имаат поголем приоритет од бранителите кои го бранеле територијалниот интегритет и суверенитет на државата?

Лично во советот на општина Прилеп побарав укинување на комуналните давачки и даноците за бранителите од Прилеп, но по се изгледа за овие луѓе ништо не значи тоа дека некој го жртвувал животот за оваа држава.

Затоа казната ќе ве стаса многу брзо… Ќе се соочите со гневот на народот и ќе бидете запишани во темната историја на нашата држава Република Македонија”.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.