Стерјоска: Пожарот во Мариово има размери на „чудовиште“! (ФОТО)

Претседателката на Советот на општина Прилеп, Ирена Стерјовска, која е и началник на Кризниот штаб, откако е активна огнената стихија со пожарот во Мариовскиот регион, е во постојана комуникација со сите надлежни институции и деноноќно координира со ситуацијата. Стерјовска вчера ги посети пожарникарите и околу 200 други доброволци, припадници на армијата, полицијата и месно население, кои учествуваат во гаснењето на пламените јазици.

-Општина Прилеп се соочува со голем предизвик настанат од пожар во областа Мариово. Како Началник на Кризниот штаб со кој работевме во текот на изминатиот ден повеќе од седум часа (од 18ч до 01ч по полноќ) на координација на сите ресурси, денес излеговме на терен при што веќе имаме сите ние визуелна перцепција со што се соочуваме – пишува Стерјовска на социјалните мрежи.

Стнува збор за пожар кој има размери на “чудовиште” затоа што линијата на опожарениот појас е веќе повеќе од 20км.
Ако изминатото деноноќие во опасност беше селото Бонче каде со помош на противпожарните единици од Прилеп, Битола, Кавадарци, Могила, Новица и доброволното битолско Здружение Архангел Михаил пожарот беше спречен да се прошири и зафати дел од куќите и добитокот, ова попладне и вечер критично е кај село Крушевица. Овој пожар има два фронта, лево и десно напаѓа кон селото и го загрозува истото. Денес на вчерашниот повик од Кризниот штаб одговорија и противпожарните екипи на единиците од Охрид, Ресен, Радовиш, Свети Николе и секако изразувам огромна благодарност на нивната подадена помош. Исто така огромна благодарност на Армијата на РМ кои и со по неколку саати остануваа длабоко навлезени во густиот чад.

Воздушната поддршка која беше активна денес со еден хеликоптер и со еден авион беше навистина од помош до оние граници кои ги дозволуваше густината на чадот по безбедноста.

Селото Пештани не е загрозено, пожарот е високо во планината, с.Дуње и с.Кален не се во опасност, над с.Кокре гори високо во планината. Постои едно жариште кај репетиторите над Штавица каде денес гаснеа екипите од Национални шуми, а во теков на ноќта ќе има пожарна стража бидејќи станува збор за многу стрмен и непристапен терен.

Пожарникаските екипи остануваат на терен, а Кризниот штаб продолжува со координација од 20ч за текот на ноќта и активностите за утрешниот ден.

АПЕЛИРАМ до целото население да не се креваат паники, да не се прават непотребни тензии помеѓу било кого што би довело до непотребно трошење и насочување на енергијата во друго поле надвор од фокусот, а тоа е ПОЖАРОТ – напиша Стерјовска.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.