Стеваноски објави АУДИО Б О М Б И: Еве како функционери од СДСМ Прилеп вршат предизборни притисоци и се заканyваат

Независниот кандидат за градоначалник за општина Прилеп, адвокатот Жарко Стеваноски од граѓанската иницијатива “Че вреди”, денеска одржа прес конференција за медиуми каде ги обвини раководните луѓе во ОО СДСМ Прилеп за вршење притисок и упатување закани до неговите активисти и кандидати за советници.

Стеваноски објави и снимени разговори на кои може да се слушне како еден од неговите активисти, а поранешен член и претседател на месен комитет на СДСМ, разговара со функционер на Општинската организација на владеачката партија, кој пак му ветува социјална помош, легализација на куќа, работа и поништување на тужби, само да се откаже од поддршката за граѓанската иницијатива “Че вреди”.

Oбраќањето на Стеваноски пред медиумите во целост го пренесуваме во продолжение:

“На почетокот на 2015 година лидерот на СДСМ отпочна еден процес на обелоденување на недемократските механизми со кои се служеше тогашниот режим на ВМРО ДПМНЕ а кои пред домашната и меѓународната јавност го потврдија фактот дека ние сме всушност заробена држава, дека партијата била длабоко институционализирана во сите сегменти од општественото живеење и дека не може да се направи разлика помеѓу партијата и државата. Државата на сите релевантни странски истражувања се наоѓаше на дното на листите како држави во кои не се почитуваат човековите права и владеењето на правото.

Во една таква ситуација, граѓаните го препознаа моментот и преку активна вклученост на невладиниот сектор, граѓаните застанаа рамо до рамо со тогашната опозиција во рушење на режимот на Груевски и Мијалков кое нешто доведе до промена на власта во 2016 година.

Почитувани, кога ние излегувавме по улиците да протестираме против таквиот режим, тоа го правевме за да го сопреме недемократското владеење, систематското подривање на човековите вредности, за да ја сопреме злоупотребата на институциите од позиција на моќ, да ставиме крај на нечовечкото постапување и однесување. Се боревме за раздвојување на партијата од државата.

Во изминатиот период учесниците, поддржувачите и симпатизерите на граѓанската иницијатива ЧЕ ВРЕДИ се систематски подложни на константни суптилни и директни закани од активисти и функционери од огранокот на СДСМ во Прилеп. Дел од советниците од независната советничка листа се повикувани од страна на носители на јавни функции во државни институции со цел да им се врши суптилен притисок за да се откажат или обесхрабрат во намерата да учествуваат во изборниот процес, дел од нив се посетувани по нивните домови и преку суптилни закани се опоменувани на последиците од таквите нивни одлуки. Голем дел од членството на СДСМ во Прилеп кое отворено дава поддршка на граѓанската иницијатива ЧЕ ВРЕДИ е повикувано во партијата, нуден им е поткуп и се убедувани преку најниските форми на клевети кон мене како кандидат за градоначалник во намерата да ги одвратат својот глас да го дадат за една ваква независна опција.

Јас не можев да останам глув и слеп на таквите недемократски партиски активности на огранокот на СДСМ во Прилеп, пред се поради тоа што со најголемиот дел од членството на СДСМ тука во Прилеп рамо до рамо заедно се боревме против такво недемократско владеење.

Ова што денес ќе го чуете а се спроведува како партиска активност во ОО на СДСМ во Прилеп го потврдува фактот дека режимот сеуште не е искоренет, дека партијата е државата и дека партиската машинерија е единствената можност за влез во политиката. Ќе чуете како партиските функционери од јавните установи и локалната самоуправа се ставаат во функција на партиската машинерија, како се кинат сметки за комуналии, како се нудат сезонски вработувања и најтрагично од се како се нарушува човечкото достоинство и правото на слободен избор.

Почитувани довчерашни соборци од СДСМ, ние за ова не се боревме. Ние не дозволивме своето достоинство да биде понижено од режимот на ВМРО ДПМНЕ ниту пак смееме да си дозволиме со него да си поигруваат некои локал партиски пиуни на СДСМ на кои единствена грижа им е како да ги сочуваат удобните директорски фотелји и бенефициите од локалната власт во следните 4 години. Денес ова на најголемиот дел од Вас Ви се случува лично, утре ќе им се случува на Вашите деца. Да не дозволиме нашите деца да израснат без достоинство, без свое јас и да бидат алатка во рацете на било кој локален партиски функционер.

Апелирам и до најголемиот дел од членството на ВМРО ДПМНЕ. Да не подлегнувате под навидум меката партиска реторика на локалното раководство на огранокот, насочена кон задржување на Вашата доверба кон нив. Да не заборавите дека огранокот сеуште го водат луѓето кои од позиција на власт го применуваа истиот систем на покорност и сеење на страв кон Вас.

Убеден сум дека никој од нас не може да ја планира својата иднина и иднината на своите деца во ваков систем на вредности. Поради ваквиот систем младите ни бегаат од градот и државата. Знам дека не може да си дозволи да замине од државата па е приморан да се потчини на ваквите понижувачки партиски методи. Затоа Ве повикувам сите Вас повторно да застанете рамо до рамо со мене и конечно сите заедно да ставиме крај на ваквото владеење и да покажеме дека никој не е помоќен од гласот на народот. Да се избориме за достоинствена иднина на нашите деца.

Презентираните материјали веќе се доставени до претставниците на ОДИХР а истите ќе бидат доставени и до Државната изборна комисија, Државна комисија за спречување на корупцијата и ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција на понатамошно постапување”.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.