“Стасавме до дереџе Бугарија да не условува за ЕУ, а СДСМ брутално да не лаже?” (Видео)

Македонија се соочува со нови ирационални предизвици и препреки. Согласно јавно објавениот документ видлив на веб-страната на Австрискиот Парламент ноторно е дека се воспоставени дополнителни услови и пречки за Република Македонија поврзани со закажувањето на првата меѓувладина конференција, односно отворањето на пристапните преговори за членство со ЕУ – истакна на денешната прес конференција Тимчо Муцунски, Секретар за меѓународна политика на ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение интегрален текст од прес конференцијата

Еден од повеќето спорни аспекти во овој документ e поврзувањето на почетокот на преговорите со барање на Република Бугарија за понатамошно именување на македонскиот јазик како „официјален јазик на“ државата со новата придавка. Истовремено, се бара и од институциите на ЕУ да не го признаваат постоењето на посебниот македонски јазик. Согласно денешна изјава на претставник на официјална Софија, Европратеникот Ковачев, ставoт на Бугарија е потврда дека за жал Владата на СДСМ до сега не ја кажуваше вистината во врска со ова клучно прашање за нашата земја.

Почитувани,

“Ова значајно прашање кое се отвора на таков невообичаен и непримерен начин од аспект на меѓународното право истовремено претставува и непосреден удар врз идентитот на Македонија и Македонците.

Како политичка партија сметаме дека едностраните решенија прифатени и имплементирани од страна на Владата на СДСМ, без демократски дијалог, консултација со релевантните политички субјекти и пошироката експертска јавност и нанесуваат сериозна штета на нашата држава. За тоа ние како политичка партија предупредуваме веќе подолг период.

Во наведената насока и земајќи го во предвид фактот дека се потврди веродостојноста на документот кој излезе во македонски медиуми, и тоа од страна на парламент на земја членка на Европската унија, сметаме дека е крајно време да вложиме дополнителни напори во градење на цврста и единствена национална платформа и стратешки пристап, како вистински патоказ за ослободување од стегите на попустливата надворешната политика, чии сведоци сме во последните три години.

И најголемите проблеми можат да се решат, и најголемите грешки може да се поправат само со проактивни и јасно поставени дипломатски приоритети, активности и мерки насочени кон барање на прифатливи и достоинствени решенија.

Идната Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе стави силен фокус кон развојот на евро-интеграцискиот пат, но ќе посвети и големо внимание кон заштитата на идентитетските прашања, вклучувајќи ја и поддршката на македонското малцинство, кое живее надвор од нашите граници. Тоа ќе го направиме во согласност со меѓународните норми, принципи и стандарди на принципиелна основа, по примерот на најразвиените демократски држави во Европа и во светот. Истовремено ќе работиме и во насока на дополнително афирмирање на нашата татковина Република Македонија и на заштитата на трговските марки и македонските производи.

Отворањето на дијалог за сензитивните идентитески прашања не би требало да биде својствено за овие модерни времиња, за 21-от век, во кој се соочуваме со редица други тешки предизвици, вклучително и глобална пандемија. Во наведената насока, градењето на силни добрососедски односи, засновани на постојан дијалог, меѓусебно почитување и респект кон заедничките различитости, може да бидат силен поттик за развој на економската, надворешно-трговската, финансиската, туристичката и инвестициската соработка, како и во нашето понатамошно инфраструктурно и енергетско регионално поврзување.

На крајот, сакам да нагласам дека заштитата на нашиот национален, културен и историски идентитет го гледаме како нераздвоен дел од потребата за почитување на меѓународниот правен поредок, европските демократски вредности, заштитата на основните човекови права и слободи, и неотуѓивите права на самоидентификација и самоопределување”.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.