Претприемништвото е двигател на секоја економија, а младите умови се полни со иновативни идеи кои можат да го трансформираат нашиот град. Меѓутоа, патот од идеја до успешен бизнис е тежок, полн со предизвици и бара поддршка. За да го поттикнеме претприемачкиот дух и да го спречиме одливот на мозоци, ќе го основаме „Стартап Хаб Прилеп” – вели кандидатот за градоначалник на општина Прилеп од Коалицијата “Искуство за успех”, предводена од Либерално Демократската Партија, Жарко Бошкоски.
Станува збор за проект кој планира вклучување на младите во развојот на градот, каде:
-Младите ќе можат да развиваат идеи, да добиваат менторство, финансиска поддршка и ресурси,
-Ќе се добива бесплатна финансиска едукација — со цел да им се овозможи на младите да разберат како да управуваат со пари, како да инвестираат, како да започнат сопствен бизнис,
“Стартап Хаб Прилеп” би значел и поддршка за култура, спорт и јавни простори кои ги интересираат младите — модерни игралишта, настани, креативни простори, фестивали, култура на отворено, театар, уметност.
-Хабот ќе биде лоциран во центарот на градот и ќе нуди комплетна поддршка за младите претприемачи, особено оние во ИТ секторот и креативните индустрии. Ова вклучува менторство од искусни бизнисмени и експерти од различни области, организирани обуки за бизнис планирање, дигитален маркетинг и финансиски менаџмент, како и правни совети за основање фирма. Најважно од сè, хабот ќе обезбеди модерен канцелариски простор по субвенционирани цени, овозможувајќи им на младите компании да ги намалат почетните трошоци и да се фокусираат на развојот на својот производ или услуга, вели Бошкоски за својот проект од изборната програма.
Бошкоски го опшува проектот како место за вмрежување и соработка, екосистем кој ќе ги негува новите бизнис идеи.
-Редовно ќе организираме „Pitch Nights” и „Demo Day” настани, каде што младите претприемачи ќе можат да ги претстават своите идеи пред потенцијални инвеститори. Нашата цел е да им помогнеме на овие идеи да прераснат во успешни компании кои ќе отвораат нови, добро платени работни места токму тука, во Прилеп, додава Бошкоски.