Станкоски: “Тутунарите лажат, просечната откупна цена е 171 денар”

После денешниот втор масовен протест на тутунарите пред општина Прилеп и Тутунскиот Комбинат, со коментар се јави Генералниот директор, Кире Станкоски.

Тој вели дека тутунарите на протестите лажат, на откупните пунктови сите откупувачи досега имаат преземено 300 тони тутун, по просечна откупна цена од 165 денари.

Комбинатот досега имал откупено 80 тони по просечна цена од 171 денар, а денешната цена достигнала 193 денари.

“До петокот просечната цена се движи до 165 денари. Што сакам со ова да кажам? Дека сите оние инсинуации, па би рекол и лаги кои се изнесуваат изминатиот викенд, не се точни, дека тутунот се откупува по мизерни 120-130 денари. Како што претходно кажав, бидејќи се работи за реколта со послаб квалитет од минатата година, она што доаѓа на нашите ваги реално се цени. Се надевам дека и другите компании тоа го прават”, истакна Станкоски.

Тутунарите денеска побараа средби со надлежното министерство и повторно побараа реално ценење на тутунот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.