“Срцето на Фросина бие над Булеварот Партизански Одреди. Долго ќе ечи како sвоно на камбана, како што вели Хемингвеј во романот ,,За кого бијат камбаните”: ,,Не прашувај за кого бијат камбаните. Тие бијат за сите нас”. Со еден згаснат млад живот, згаснува дел од сите нас. Сочуство до двете семејства, едното што изгуби драгоцено чедо, другото што изгуби право на мирна совест”.
Ова на Фејсбук го напиша професорката Татјана Алексиќ. Таа претходно објави дека две семејства се закопани со еден удар.
– Две семејства се закопани со еден удар. Едното од тага по изгубеното чедо, другото затоа што создале убиец. Парите имаат моќ да поткупат, но не и да ја вратат продадената душа на ѓаволот. И секое наше дете може да биде Фросина, сѐ додека имаме закон продаден за пари. Ни се случува Кецмановиќ на улица, напиша таа по трагичната несреќа, напиша професорката на Фејсбук.
Младата Фросина Кулакова од Неготино која прерано го загуби животот кога на неа налета возач и ја прегази на пешачки премин на булеварот Партизански Одреди, денеска ќе биде испратена во вечниот дом.
22-годишната млада девојка, инаку модна дизајнерка, беше прегазена на пешачки премин, кај Силбо, од 20-годишниот возач Васил Jованов.