Tри недели по прославата на Нова Година, пристигна првороденото бебе во општина Виница за 2020 година. Се работи за девојче кое веќе го доби името Калина, а на свет ја донесе мајката Симона Соколова, која се породила во болницата во Штип.
Новата рожба, која е втора ќерка за семејството Соколови, ја честиташе градоначалникот на Виница, Ивица Димитров при што врачи пригодни подароци со желби за здравје и среќа на бебето.
-Се надеваме дека првороденото женско бебе годинава во нашата општина ќе донесе плодност и бериќет. Тоа е повеќе од неопходно со оглед на постојаното опаѓање на наталитетот. Од име на Општината подаривме пакет бебешки производи и ваучер од осум илјади денари, истакна градоначалникот Димитров.
Главна причина за падот на наталитетот во Виничко во изминатите две децении е иселувањето на населението во странство, главно млади пред да стапат во брак, но и млади брачни парови.
Трендот на опаѓање на бројот на новороденчиња во Виница го потврдија и од православниот храм „Св. Архангел Михаил“, каде во 2019 година биле крстени 103 бебиња, што е за петнаесетина помалку во споредба со претходната година. Освен тоа, забележан е и пад на бројот на венчавки, па лани биле склучени 52 брака, за десетина помалку во споредба со 2018 година.