Средствата кои се собраа од годинешниот турнир во мал фудбал „Св. Никола“ се донираа за набавување на играчки и едукативни материјали за детските градинки „Наша Иднина“ од Прилеп. Овие средства се собрани како дел од котизацијата за учество на турнирот, дел од продадените влезници и секако дел од овие средства донираа компаниите „Прилепска пиварница“, „Тинекс“, „Комфи Ангел“ и локалната самоуправа.
„Светиниколскиот турнир во мал фудбал секогаш имал хуманитарен карактер така што дел од средствата кои се собраа од турнирот и овие општествено одговорни компании како што се „Прилепска пиварница“, „Тинекс“, „Комфи Ангел“, како и другите компании од градот обезбедивме средства за да се купат играчки кои ќе бидат распределени по сите градинки. И понатаму овој турнир ќе има хуманитарен карактер, што значи средствата кои ќе се собираат ќе бидат распределени онаму каде што е најпотребно“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
„Општествената одговорност е позитивен тренд во кој сме вклучени и ние односно дечињата кои се згрижени во нашата установа. Сакам да им се заблагодарам на фирмите : „Прилепска пиварница“, „Тинекс“ и „Комфи Ангел“ кои донираа играчки, едукативни и дидактички материјали за сите дечиња вклучени во детските градонки „Наша Иднина“. Исто така сакам да се заблагодарам на Општина Прилеп и градоначалникот, Марјан Ристески, затоа што средствата кои беа собрани од традиционалниот турнур во мал фудбал ги насочи за набавување на едукативни материјали и играчки за дечињата“, истакна Христина Трпческа, директор на детските градинки „Наша Иднина“ од Прилеп.
Градоначалникот на Прилеп истакна дека локалната самоуправа во изминатиов период посветила огромно внимание на проширувањето на капацитетите на детските градинки и најави изградба на уште неколку нови вакви објекти.
„Исто така сакам да напоменам и тоа дека локалната самоуправа на Прилеп напорно работи во зголемување на капацитетите на градинките. Наредната недела се очекува отворање на градинката во н.м. Големо Коњари. Исто така е распишан тендерот, а откако ќе заврши веднаш ќе започне и работењето и преадаптацијата на просторот во детска градинка кој ќе функционира во состав на ООУ „Рампо Левката“. Оваа градинка ќе ги опфати децата од претшколска возраст за трите населби : „Тапани“, „Чачорица“ и „Корзо“. Капацитетот на оваа градинка е околу 100 деца и се надевам дека до крајот на мај ќе бидат комплетно завршени градежните активности. Во соработка со Владата се работи исто така и за изградба на поголеми градинки во Прилеп. Пронајдени се локации, се работи на проектите. Оваа година се надевам дека ќе започне изградбата на градинката од голем обем во населбата „Точила“, а исто таква градинка е предвидена во населбата „Рид“, додаде Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Ристески потенцираше и тоа дека веќе се работело и на проекти за изградба на дисперзирани градинки во одредени населби.