Директорката на средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ од Битола, Наташа Илиева, вчера претпладнето ја известила општина Битола, дека утрото во 8.00 часот, паднал таванот во училишните тоалети, за подоцна, Илиева, на прашање од градоначалникот да потврди, дека при падот на таванот била незначително повpeдена ученичка од училиштето.
Градоначалникот Коњановски, веднаш по добивањето на информацијата, формира општинска комисија со која извршија увид во училиштето, со цел констатирање на состојбата. При извршениот увид, директорката Илиева информираше дека, тоалетите пред неколку години беа реконструирани со донација, а последниве денови биле воочени проблеми на горниот кат, проследени со извесно прокапување.
Комисијата изготви записник во кој ја констатира состојбата, а градоначалникот Коњановски, го контактираше семејството на повредената ученичка, при што беше информиран дека, ученичката е исплашена и со родителите е во Клиничка болница, каде се прават испитувања поради болки во раката. Коњановски, останува во контакт со семејството, а од директорката Наташа Илиева побара одговорност, поради навремено непреземените мерки и непријавениот проблем.
На крајот на минатата година, од страна на градоначалникот на општина Битола, беа повикани, директорите на училиштата, со цел да укажат на потребите за реконструкции и интервенции, кои ги имаат објектите. Од страна на директорката Илиева, не беше побарана интервенција од општината за објектот на средното медицинско училиште – стои во соопштението од општина Битола.