Со богата културно уметничка програма, пред многубројните посетители и со заеднички ручек и оваа година по 35-ти пат, се одржаа Мариовско – Мегленски културни средби. Манифестацијата започна со потсетување на минатото и разбудување на спомените за родниот крај, некогашните жители на Мариово и на оние што се уште живеат тука. Според градоначалникот Илија Јованоски кој беше дел од оваа културна манифестација, одржувањето на овие средби има посебно значење за луѓето од Мариовскиот и Мегленскиот крај бидејќи овозможува да ја изразат, негуваат и развиваат својата автентична и богата култура и традиција.
Meѓутоа, градоначалникот во својот говор, намерно или не, заборави да спомне за кои луѓе станува збор, заборави да спомне Македонија и Македонци, бидејќи и луѓето од Мариовскиот и оние од Мегленскиот крај се ништо друго туку Македонци.
„Овие можности станаа реалност, благодарение на волјата и напорната работа на нашите Влади, а со цел создавање можности за преку-граничната соработка во сите сфери на живењето, вклучувајќи ги плановите за подобрување на патната инфраструктура како основа за плодна соработка и развој на овој регион. Ви го честитам љубилејот 35 години од постоењето на здружението и ви посакувам многу успеси. Традицијата која се негувала изминативе години треба да продолжи и во иднина, како основа за заживување и развојот на овој регион. Општина Прилеп ги поддржува и ќе продолжи да ги поддржува ваквите средби во иднина, како и сите оние активности чија цел е јакнење на соработката како културна и туристичка, така и економска“, посочи градоначланикот Јованоски во совоето обраќање.
ФОТО/prilep.gov.mk