Спремете се, Битиќи најави економски бум: Ќе се градат патишта, железници, водоводи…

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи на неговиотт Фејсбук профил најави економски бум.

Се работи за големи капитални инвестиции, објасни тој.

„Денеска е убав ден. Вчера беше првиот ден од почетокот на нашето поврзување со Европската Унија и нејзините членки и институции а денеска одбележуваме инфраструктурно поврзување преку започнување со изградба на железничкиот Коридор 8 – делница Куманово – Бељаковце – Крива Паланка и ремонт на коридор 10 Ногаевци – Неготино“, пишува Битиќи.

Според него, проектите за кои се зборува години наназад, почнуваат да се реализираат!

„Не верувам дека има уво во нашата држава кое не знае за значењето крстосницата која ја креираат Коридор 8 и Коридор 10. Денеска се потпишуваат договори за изградба и ремонт на железничката инфраструктура, а сакам да најавам дека ова лето ќе започне и изградбата на патната инфраструктура на Коридор 8 и 10Д. Ова ќе ги опфати сите важни инфраструктурни патни и железнички правци во државава. Вложувањето во подобрена и одржлива инфраструктура е неопходност за постигнување на развојните економски цели. Нека е со среќа и успех! Но, и многу умешност при реализацијата!“, вели Битиќи.

Тој додава дека токму поради тоа оваа година ја промовираат Единицата за следење на капитални инфраструктурни проекти која ќе прави координација на сите проектни единици, со што ќе овозможува навремено детектирање и справување на сите тековни и потенцијални предизвици со кои се соочуваме при искористување на буџетот за капитални инвестиции, како во централниот буџет, така и во буџетите на другите институции во чија надлежност е изградбата на големи инфраструктурни проекти.

„Оваа единица има една и единствена задача а тоа е да се осигура дека сите големи инфраструктурни проекти навремено и со колку што може најмалку недостатоци ќе бидат проектирани, изведени и комплетирани од страна на надлежните институции. Ова за нашите граѓани ќе значи – подобри и поквалитетни патишта, водоводи, железнички пруги, училишта, градинки, канализации, прочистителни станици, брани, системи за наводнување и одводнување и многу други капитални објекти кои навремено ќе бидат планирани, буџетирани, проектирани и изведени“, пишува Битиќи.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.