Мега Баскет утре со почеток од 16:30ч. во спортската сала во ООУ “Добре Јованоски” ја пречекува eкипата на Дибра Иглс, во рамките од седмото коло од Третата кошаркарска лига.
Прилепчани во досегашниот дел од сезоната имаат 5 победи и еден пораз и јасно укажуваат дека ќе се борат за пласман ранг погоре.
Младата екипа на Мега Баскет заслужува целосна поддршка од вљубениците во кошарката, па затоа утре сите во сала, да ги бодриме дечките до нова победа.
Утре на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ од 13 часот фудбалерите на Победа против Ломомотива од Градско ќе го одиграат последниот меч оваа есенска полусезона.
Се очекува од клупата екипата да ја предводи новиот тренер Димитар Капинковски. За овој последен сезонски меч во комбинација се сите играчи а со оглед на евидентната разлика во квалитетот секој друг исход освен убедлив триумф на црвено-белите би бил изненадување.
Со оглед на моментната состојба на табелата и директниот меч во Струмица помеѓу Беласица и Слога со евентуален пораз на виничани Победа може да презими како првопласирана на крајот на полусезоната во Втората лига-Исток.
РК Прилеп пак утре со почеток од 18:30ч. во Универзалната сала ја дочекува екипата на Пролет 62. Прилеп се наоѓа на деветтото место на табелата и изминатите недели забележа неколку последователни порази. Пролет пак го зазема четвртото место на Суперлигашката табела.