Протестите во Прилеп ги рушат сите рекорди. Прилепчани вечерва излегоа на најмасовниот граѓански марш откако траат протестите “За заедничка Македонија”.
Црвено – жолтиот превез, надополнет со сликите на Асномците, војводите, комитите, но и паднатите бранители, беа одлика на синоќешниот протест против платформата од Тирана. Духот на сите оние кои паднале за Македонија и со крв платиле за денешната слобода, се чувствуваше вечерва во градот под “Марковите Кули”.
Поддршка и вечерва пристигна од голем број интелектуалци, професори, доктори, уметници, дејци, а присутни беа и осуденици за Македонија од комунистичкиот режим.
Пред околу 10 илјади прилепчани чекореа спортистите, кои го предводеа вечерашниот марш “За заедничка Македонија”.
Tрогнати дека некој се обидува да ја промени химната и знамето под кое настапувале и бележеле успеси за националните и клубските дресови, пред граѓаните се обратија Ице Соколески, тренер на РК Прилеп и тренер во националната ракометна репрезентација и иконата на прилепска Победа, Николче Здравески.
Пред прилепчани говореше и Владо Филипоски, осуденик за Македонија од Бело Поле. Неговите пораки ги трогнаа прилепчани, но истовремено го кренаа револуционерниот дух во нив.
Протестот “За заедничка Македонија” во Прилеп продолжува и утре, 19 часот пред хотел “Липа”.