Спортот, самодисциплината и упорноста – успешна приказна на младиот прилепчанец Стефан Ветаџокоски

Дека бенефитот што го носи љубовта и бавењето со спорт уште од мали нозе поттикнува карактерно правилен развој и подоцна оформена, профилирана млада личност, е општо позната социолошка констатација. Младиот прилепчанец Стефан Ветаџокоски е еден од многуте примери дека оваа теза е потполно делотворна и точна.

– Со почетокот на моето основно образование, а поттикнат од љубовта кон малиот фудбал на мојот татко Пеце Ветаџокоски, којшто во тоа време беше крајно посветен на овој спорт, придонесе кај мене, иако многу млад, целосно да се пренесе желбата кон спортот, натпреварите и победите. Но секако, самодисциплината и оформувањето на карактер, се особини без кои не може да се постигнат врвни достигнувања во било која сфера од животот.

Подоцна како јуниор започнав со тренинзи под надзор на татко ми, кој беше еден од основоположниците на современиот мал фудбал и футсал (прв селектор на репрезентацијата на Македонија во мал фудбал, назначен од Управниот одбор на ФСМ, сега ФФМ).

За моја среќа, многу бргу дојде и неговиот успешен проект “Јуниот Куп”, рализиран заедно со А1 телевизија, што придонесе за голема популаризација на футсалот во Македонија. Преку тој проект се промовираа многу млади таленти кои сеуште имаат важна улога во македонскиот фудбал и футсал.

Во исто време со спортската надградба, од нас младите играчи се бараше да бидиме и одлични ученици со карактер на победници, во што малкумина успеавме.

– И покрај големата приврзаност, талент и желба за врвни дострели во спортот, по завршувањето на средното образование и зголемените обврски на Економскиот факултет во Прилеп, сепак мојата одлука беше да му се посветам на високото образование, не запоставувајќи го и спортот, но не со интензитет што го бара врвното натпреварување. Во секој случај сè уште играв во футсал првенството, како и на многу турнири во мал фудбал ширум Македониja.

Стефан Ветаџокоски со висок просек дипломираше на Економскиот факултет во Прилеп, a наскоро ќе го брани и својот магистерски труд. Сè уште рекреативно е активен и на спортски план, но активно учествува и соработува во организирање на турнири во мал фудбал низ Македонија.

Во својот спортски и едукативен ангажман има добиено повеќе стипендии, сертификати и други признанија. Вреди да се напомене и дека Стефан е поранешен младински и сениорски футсал репрезентативец. Во моментов работи во “Taskforce”, фирма за консалтинг услуги, во секторот осигурување.

– Без оглед на успешната спортска и пред се едукативно- образовна кариера, јас како и многу мои врсници, млади луѓе, се соочуваме со големи проблеми да се етаблираме во нашето општество на пазарот на труд, пред се, поради ограничената можност за адекватно вработување во сооднос со стручното образование. Затоа сме принудени да бараме разни алтернативи, од кои најболната за државата е одливот на образовани млади луѓе во странство.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.