Спасовски: “Ќе го уништиме дрвокрадството”

Денеска (23.02.2022) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски учествуваше на завршната конференција во рамки на проектот „Вертикално спротивставување на нелегалната сеча во Република Македонија“, во организација на Центарот за европски стратегии „Евротинк“, поддржан од Амбасадата на Канада во Белград, во рамки на Канадскиот фонд за локални иницијативи, пренесува Инфомакс.

„Заштитата на природните материјални добра, независно дали имаат приватна или општествена сопственост, особено денес, кога актуелните дебати за динамичните климатски промени и еколошките предизвици се меѓу примарните глобални теми, не може а да не биде прашање од императивна важност, како на законодавно, така и на институционално ниво во кое и да е модерно општество“, рече министерот Спасовски во своето обраќање пред присутните.

Спасовски нагласи дека заштитата и превенцијата од бесправната сеча на шумите претпочита постоење на концепт, систем, механизми на меѓуинституционално дејствување, потенцирајќи дека трудот на Центарот за европски стратегии „Евротинк“, за овој обемен, детален и истражувачки исцрпен проект насловен како „Истоштени шуми – мапирање на организираниот криминал во форма на бесправна сеча на шуми“, претставува извонредно квалитетен исчекор во насока на заедничко, граѓанско и институционално фундирање на стратешките насоки за квалитетна и ефикасна заштита и превенција од проблемот на бесправната сеча на шумите со кој што, особено во изминативе десетина години државата поинтензивно се соочува.

Според Спасовски, станува збор за kpиминал којшто ни малку не е наивен, а во насока на тоа говорат и податоците произлезени од конкретни полициски активности во разоткривањето и репресирањето на овој вид кривични дела, според кои за периодот од 2016 до 2021 година, евидентирани се над 64.000 метри кубни бесправно исечена огревна дрвна маса, а проценетата материјална штета изнесува речиси 169 милиони денари.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.