Спасовски: Правиме анализа за можна коалиција СДСМ-ДУИ

Се уште се разговара и се прават анализи за можна коалиција СДСМ-ДУИ, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Ова е период во кој се прават сите тие анализи и сигурно дека ќе се донесе одлука. За мене е многу важно да имаме во тој дел навистина добра понуда за граѓаните која ќе понуди извесност, просперитет и која што ќе понуди остварување на нашите стратешки и национални интереси, рече Спасовски во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24, одговарајќи на прашањето дали е договорена коалиција СДСМ-ДУИ или окрупнување на европскиот фронт за претстојните избори.

За тоа дали е реално руски инсталации да се директно инволвирани во обидите да го попречат македонскиот пат кон Европската унија, Спасовски рече дека постоењето на руско влијание и влијание кое не и посакува добро на Република Северна Македонија е факт.

-Секогаш кога сме доведени во ситуација да остваруваме некој стратешки национален интерес има обиди да биде попречи на Македонија на тој пат. Се сеќавате на многу постапки на ширење на лажни вести, протерување на дипломати од Северна Македонија итн., сето тоа е благодарение на активностите и работата на разузнавачката заедница на Република Северна Македонија. Така што во тој правец ќе се продолжи и понатаму и мора да се продолжи се со цел да не дозволиме некој друг да одлучува или да попречува остварување на нашите стратешки национални интереси кои што ги имаме, рече Спасовски.

Европскиот пат за Северна Македонија, потенцира тој, нема алтернатива.

-И колку повеќе е засилено влијанието на Европската унија, колку повеќе работиме на градењето на перцепцијата за тоа што значи Европска унија онака баш пластично кажано пред граѓаните, толку повеќе ќе расте и бројот на граѓани кои што ја поддржуваат оваа идеја. Така што секое влијание од било кого од надвор мора да се спречи и одлуките мора да бидат оставени на граѓаните и на институциите на државата, појасни Спасовски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.