Катерина Тодороска од Прилеп поседува талент што плени – таа создава портрети кои не се само верни прикази на ликот, туку и прозорци кон душата на оној што е нацртан. Со молив, боја или јаглен, таа создава дела во кои секој поглед открива нова емоција, а секој детал носи своја симболика. Нејзината љубов кон уметноста започнала уште од најрана возраст, но талентот го развива и надоградува многу подоцна. Нејзините дела се комбинација од талент, љубов и бескрајна посветеност. Со неа поразговаравме за патот од првите цртежи до денес, за инспирацијата и за тоа што значи да се создава со срце.
Катерина, кога за првпат почувствува дека цртањето е твој начин да се изразиш?
-Цртам од мала, но сплет на околности, животот ме однесе во друг правец. Сега имам повеќе слободно време и по иницијатива на мојот син почнав поактивно да се занимавам со цртање.
Во твоите дела гледаме и реализам, и креативни детали со силна симболика – како се разви овој твој стил?
-Креативноста ми е јака особина отсекогаш, ја користам во сите сфери од животот, па така и во цртањето.
Од каде најчесто доаѓа инспирацијата за твоите портрети и уметнички композиции?
-Кога цртам, односно кога го надоградувам цртањето, црпам инспирација најчесто од Интернет. А кога е по нарачка, се’ е по договор и желба на клиентот.
Кога работиш на портрет, како успеваш да ја „фатиш“ емоцијата и карактерот на човекот?
-Тоа тешко се опишува со збор. Едноставно почнувам и се внесувам во секоја линија, секој детал…
Колку време и посветеност бара еден ваков портрет или креативна слика од идеја до финален резултат?
-Времето зависи од големина, деталите и техниката на изработка за секоја слика. Најбрзо за 6 часа сум успеала да нацртам портет.
Дали прилепчани и пошироката публика често бараат вакви уникатни изработки, и кои поводи се најчести?
-Да, бараат. Најчесто за семејни прослави, или едноставно имаат желба без повод за некој портет.
Кој материјал и техника ти е омилен, и зошто токму таа?
-Графитен молив, јаглен, тука најмногу успевам да доловам од реалното. Да напоменам дека и акрил на платно ми омилена техника.
Кое твое дело го сметаш за најемотивно или најпредизвикувачко, и која е приказната зад него?
-Најемотивно дело ми е портет од куче-лабрадор, домашниот миленик на брат ми (кој за жал скоро почина). А најпредизвикувачко дело ми е портрет на оваа девојка (многумина мислеа дека е автопортрет).
Кои се твоите планови за иднината – можеби изложби, уметнички проекти или колаборации?
-Па немам планови, оставам времето да покаже, ова ми е хоби и уживам во истото. За изложба размислувам, можеби во скоро време.
Што би им порачала на сите млади луѓе кои сакаат да се изразат преку уметност, но сè уште не се охрабриле?
-Никогаш не е доцна за да се оствари еден сон. Мојот сон да цртам се оствари. На младите би им порачала, пред се да веруваат во себе, секој талент што го поседуваат да го искористат правилно и максимално.