Со доделување на наградите и прогласување на Лауреатот, заврши годинешното 7.издание на Интернационалниот пијано натпревар, Пијанофест. Изминатите денови Офицерскиот дом – КИЦ Битола, беше храм на класичната музика и пречека 110 млади музички надежи од 10 земји учеснички и тоа : Македонија, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Бугарија, Бугарија/Русија, Турција, Кина и Тајланд. Организатор на настанот и натпреварот е Здружението на пијанисти и музички педагози ПИЈАНО Битола, во соработка со ЈОУ КИЦ Битола и секако поддршка од Општина Битола и Министерство за култура.
Оваа година натпреварувачите се поделени во три категории: Пијано соло, Пијано четирирачно и Теоретски отсек облигати, а комисијата на натпреварот беше составена од еминентни пијанисти и педагози од Македонија и странство и тоа: Тереза Тревизан, Паола Кондакчи, Душан Сутон, Ана Гацева и Гоара Нона Лазиќ.
„Овие неколку дена беа исполнети со исклучителни настапи, инспиративна уметност и вистинска посветеност кон пијаното. Сведочевме на талент, труд и страст – вредности кои го движат овој фестивал напред од неговото основање. Им се заблагодаруваме на сите натпреварувачи што ја споделија својата музика со нас, на родителите за нивната вложеност и на членовите на жирито за нивната професионалност и фер оценување, на професорите за нивната поддршка, како и на публиката која со отворено срце ги поддржа нашите уметници“, истакнаа организаторките.
За Лауреат на натпреварот беше прогласен Владимир Србиновски од Р.Макеодинија, кој освен парична награда, ќе ја добие и наградата – Концерт за отворање на следното издание на Пијанофест 2026. Србиновски исто така ја понесе и наградата “Јасминка Чакар” за која му беше доделена парична награда во износ од 300 евра и плакета. Освен овие награди, беа доделени и три ваучери за учество на следното издание на Виена Гала Фест – концерт кој ќе се одржи во Виена следната 2026 година. Трите ваучери беа доделени на Вук Џокич ( Србија ), Еце Сарач ( Турција ) и Мариела Низамова ( Бугарија ).
„Пијанофест“ не е само натпревар – тој е празник на музиката, мост меѓу култури и генерации, и поттик за идните музички достигнувања.
Истиот беше отворен со настапот на НУ Камерен оркестар Битола и лауреатот на Piano fest 2024 Златица Лазарова.