Со прекрасен еврогол на Рамани, Победа стигна до реми против екипата на Горан Пандев (Видео)

Попладнево на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ пред повеќе од 3.000 гледачи, во натпревар од 11-тото коло на Првата лига, Победа и Академија Пандев ги поделија бодовите играјќи 1:1.

Во меч со скромен квалитет и малку возбудувања, по се видено се чини дека поделбата на бодовите е реален исход. Црвено-белите, осоколени по победата во Кратово, очекуваа таа победа да биде ревалоризирана со уште еден-домашен триумф, а од друга страна струмичани пак со ремито во Прилеп ја прекинаа црната серија од 4 последователни порази.

Но, значењето на мечот си го направи своето, а домаќините не одговорија адекватно на притисокот и императивот да се оствари уште еден домашен успех.

А. Пандев од друга страна се чини беше поопасна, Велиновски и Марковски имаа изгледни шанси, додека Победа со единствениот удар во рамката на голот на Јованоски постигна израмнувачки евро-гол, преку младиот репрезентативец Рамани во 75-тата минута, откако претходно во 59-тата минута гостите поведоа со голот на Велиновски.

До крајот, и покрај израмнувањето, црвено-белите не успеаа да создадат дополнителен притисок и створат акција за резултатски пресврт. Со многу често сецкање на играта и прекини ритамот беше нарушен, нешто што повеќе им одговараше на гостите па на крајот остана конечниот резултат 1-1.

Победа: Тофилоски, Бошески, Ѓурковиќ, Стомнароски,Хани (од 65 минГалевски), Рамани, Паноски, Дадет (од 60 минПетејчук),Мазари, Тодоров, Џејмс (од 65 минБ. Спиркоски).

Во среда на 19 октомври од 14 часот Победа, во последниот натпревар од 1/8-финалето на Купот, на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп ќе ја пречека Македонија Ѓ.Петров.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.