Со положување свежо цвеќе пред спомениците на Ченто, Ѓорче Петров, Пере Тошев… одбележан Денот на основањето на Македонската револуционерна организација во Прилеп

Делегации од локалната самоуправа на општина Прилеп, претставници од Советот на Општината, претставници на политичките партии и граѓански здруженија, денеска положија свежо цвеќе пред спомениците на: Методија Андонов – Ченто, Ѓорче Петров, Пере Тошев, на гробот на Пере Тошев, кој се наоѓа во црквата Св.Благовештение, како и на гробовите на Никола Каранжулов и Методија Патчев. При оваа пригода градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески го истакна знaчењето на овој празник за македонскиот народ и ја потенцираше важноста од зачувувањето на идентитетот на Република Македонија.

Република Македонија го празнува 23-ти Октомври како државен празник. Празникот се празнува како ден кога во 1893 година, Иван Хаџи Николов, Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Антон Димитров и Христо Ботанџиев го формирале Македонскиот револуционерен комитет, од кој подоцна произлезегла Внатрешно Македонската Револуцонерна Организација (ВМРО) или Внатрешно Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО). Организацијата се борела за ослободување на Македонија.

Формирањето на ВМРО значело почеток на организираното македонско револуционерно движење , кое преку Илинден 1903 и Крушевската република, а потоа и преку НОВ резултираше со создавање на модерна самостојна македонска држава.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.