Со пари од унгарскиот кредит, а преку Министерството за спорт, во општина Прилеп наскоро треба да почне изградбата на две нови детски игралишта. Едното позади Участакот, а второто во населбата “Типски”.
-Во насока на унапредување на квалитетот на живот и создавање современи услови за игра и развој на најмладите, со задоволство ве информирам дека Општина Прилеп потпиша два нови договори за изградба на две нови детски игралишта со Министерството за спорт, во рамки на Повикот за директна помош на општините од Владата на Република Македонија. Вкупната вредност на овие два проекта изнесува околу 8 милиони денари. Со ова продолжуваме да инвестираме во создавање на безбедни и модерни простори за децата, но и да придонесуваме за поубав и поквалитетен урбан амбиент во сите делови на градот. Деновиве продолжуваме со потпишување и на сите останати проекти одобрени во рамки на владините програми за поддршка, кои ќе донесат дополнителен развој и унапредување на Прилеп – напиша на социјалните мрежи градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески.
Од друга страна, прилепчани, спортистите и спортските работници од Прилеп, се’ уште чекаат на ветувањата на Министерството за спорт за ставање во функција на Универзалната сала, како и решавање на иднината на сала “Македонија” и комплексот-градски базен “Маркови Кули”.