Со оддавање почит кон великанот на прилепскиот ракомет Миле Нешкоски, започна меморијалниот турнир во негово име

_DSC5658Markukule

Во чест на прерано починатиот великан на прилепскиот ракомет, Миле Нешкоски, годинава по втор пат се организира меморијалниот турнир во ракомет кој го носи неговото име.

Денеска со оддавање на почит и положување на цвеќе на спомен плочата пред неговиот втор дом, Универзалната сала  во Прилеп, градоначалникот на општина Прилеп, ракометните работници, неговите клубски колеги, неговите најблиски и ракометната  ѕвезда Наумче Мојсовски, се присетија на убавите моменти поминати заедно и на неговиот учинок за прилепскиот и македонскиот ракомет.

Неговиот лик присутните го опишаа пред се како одличен спортист, кој умеел во многу спортови, дете на чаршијата, добар човек кој успеал да се докаже на многу полиња и кој целиот живот го посветил на развојот на ракометот.

Меморијалниот турнир “Миле Нешкоски” се одржува втора година по ред, а оваа година ќе се натпреваруваат 6 клубови, поделени во 2 групи. Освен домаќинот РК Прилеп, на турнирот учевствуваат уште екипите на: Пролет, Пелистер, Борец, Охрид  и Еурофарм Работник.

[Best_Wordpress_Gallery id=”347″ gal_title=”TurnirMileNeskoski”]

Благодарение на поддршката од Локалната самоуправа на општина Прилеп, се очекува турнирот во иднина да расте и да премине во едно значајно натпреварување, што ќе биде предизвик за многу клубови, во и надовор од државата.

Турнирот ќе се одвива во наредните 4 дена, а започнува со вечерашните два натпревари Еурофарм Работник – Охрид од 17 часот, а  од 19 часот играат домаќинот РК Прилеп и Пролет Тинекс.

Влезот за натпреварите е бесплатен!

 

A.Г.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.