Со закројување на лозјата и дегустација на вина одбележан празникот Св. Трифун во Прилеп

Со традиционалното закројување на лозјата кај параклисот посветен на Св. Трифун, кој се наоѓа кај месноста Склештен мост, во близина на Прилеп и со закројување на лозјата во н.м. Големо Радобил денеска во Прилеп беше одбележан православниот празник Св. Трифун, светител кој кај народот е попознат уште и како заштитник на лозарите. Годинава домаќини на настанот кај Склештен мост беа организацијата на жени „Мајка Традиција“.

_MG_6139

„Многу сум горда што денеска се наоѓаме тука, пред ова свето место и горда сум што сме собрани тука во огромен број. Им посакувам на сите здравје, среќа и љубов и бидејќи никој не се пријави сакам да кажам дека и наредната година ние како организација на жени „Мајка Традиција“ ќе бидеме домаќини тука на овој ден“, кажа Љубица Петреска, претседател на организација на жени „Мајка Традиција“.

_MG_6014

Во одбележувањето на овој ден на организацијата на жени „Мајка Традиција“ се приклучија уште неколку домаќинкин од Прилеп.

„Нека ни е честит денешниот празник и нека е за многу години“, рече Мирјана Димеска, домаќин на празникот Св. Трифун.

_MG_6021

„Ова е голем и убав ден за нас и многу сум среќна што за прв пат сум домаќин за овој празник“, истакна Благица Ѓорѓиоска, домаќин на празникот Св. Трифун.

_MG_6023

Годинава за прв пат се започна и со традиција за славење на празникот Св. Трифун и во прилепското село Големо Радобил. На одбележувањето присуствуваа огромен број на посетители, како од Големо Радобил и Прилеп, така и од другите градови на Македонија, кои потекнуваат од овој крај и се иселиле од таму во минатото.

_MG_6115

„Денеска одлучивме во селото Големо Радобил да започнеме една културна традиција која нашите дедовци ја негувале. И ние еве прв пат се организиравме со една веселба, заеднички ручек и закројување на лозјата. Таа традиција сакаме да им ја пренесеме на нашите деца. Радува фактот што се собравме тука во огромен број. На сите присутни им посакувам многу здравје и бериќет и нека е за многу години денешниот ден“, вели еден од организаторите на настанот во Големо Радобил.

_MG_5912

Како и секоја година на овие настани и одбележувања присуствуваше и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој на сите присутни им посака да имаат многу здравје и среќа, а лозарите да имаат добар род и бериќет оваа година.

„Традиционално во месноста Склештен мост во близина на Прилеп голем број наши сограѓани доаѓаат да го прослават овој празник Св. Трифун и  закројувањето на лозјата. На домаќините им го честитам празникот, особено на организацијата „Мајка Традиција“ кои се присутни на сите настани каде се одбележува нашата традиција. На сите Македонци и прилепчани им посакувам многу здравје, љубов и среќа, за лозарите да имаат подобар род оваа година. На овој ден се слави и Св. Валентин и им посакувам многу љубов на сите оние кои се заљубени. Навистина овој празник е голем празник за Македонија, бидејќи производството на вино претставува една од позначајните економски гранки. Годинава за прв пат се организираше и едно одбележување на празникот Св. Трифун во Големо Радобил. Тројачкиот регион е познат по сончевите денови и плодната почва. Надалеку се познати виното и ракијата кои се произведуваат од овие сорти кои ги има во овој крај. Ме радува што домаќините организираа еден ваков голем настан и им посакувам ова одбележување да прерасне во традиција“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

_MG_6039

Како дел од одбележувањето на празникот Св. Трифун винаријата „Пирган“ од Прилеп организираше и дегустација и презентација на своите вина и капацитети. Оваа винарска визба била отворена во 2003 година.

„Капацитетот на винаријата изнесува 15 хектолитри, а на годишно ниво ние откупуваме 500.000 килограми грозје. 10 до 20 проценти од грозјето го набавуваме од прилепско, како Радобил, Фариш и околните села, но наидуваме често пати на тешкотии бидејќи земјоделците предвреме ги берат лозјата. Откупни пунктови имаме во Кавадарци и Неготино од каде ги набавуваме повеќето од сортите на вино, значи околу 80%. Јас би сакал да е обратно бидејќи, ако грозјето се набавува на оддалеченост над 31 км. од визбата ние имаме право тоа да го продаваме само како вино со географско одредница. Нашата технологија е француска, а произведена во Бугарија. Готовото вино го пласираме за Србија, Албанијан и цела Македонија. Големи потрошувачи ни се Кавадарци, Неготино и Гевгелија“, потенцираше Златко Пирганоски, сопственик на винарска визба „Пирган“.

_MG_6158

На дегустацијата и презентацијата на вината присуствуваше и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.

„Ова е една успешна бизнис приказна за користење на средства од ИПАРД програмата. Капацитетот е одличен и им посакувам да имаат многу успех во пласманот на нивните вина, кои се навистина преубави. Се надевам дека и понатаму оваа визба ќе расте, а тоа значи и зголемување на бројот на вработените“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

_MG_6187

_MG_6190

Инаку винаријата „Пирган“ е првата винарска визба во Македонија која користеше средства од ИПАРД програмата. Средствата ги добиле во 2009 година, а завршиле со ИПАРД-от во 2014 година и сега сите средства им биле исплатени.

_MG_6280

 

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.