Грција ќе започне кампања за побарување на оштета од 280 милијарди долари за воена репарација од Германија, пишува гермнаскиот магазин “Дер Шпигел”.
Германскиот магазин нотира дека се додека Грција зависеше од поддршката на ЕУ, премиерот Алексис Ципрас избегнуваше да го покрене ова прашање. Но сега, по завршувањето на третата програма за финансиска помош, Атина е подготвена да преземе иницијативи за барање пари, се вели во извештајот.
Прашањето се појавува неколку дена пред официјалната посета на германскиот претседател Франк-Волтер Штајнмаер во Атина каде ќе се сретне со претседателот на Републиката Прокопис Павлопулос и Ципрас.
“Шпигел” вели дека не е коинциденција што двајцата највисоки политичари во Грција го истакнуваат ова прашање во изминатите неколку дена.
Тоа го означува почетокот на долгата кампања, која, според германското списание, ќе започне во ноември.
Грчкиот парламент ќе го одобри извештајот за ревизија подготвен уште од август 2016 година, според кој Грција има право на 269,5 милијарди евра репарација од Втората светска војна.
Покрај тоа, Грција бара враќање на заем од 10,3 милијарди евра за време на окупацијата.
Во втората фаза, Грција има намера да ги претстави своите аргументи во светски организации како што се Европскиот парламент, Европскиот совет и ОН.
Во третата фаза, Грција планира да ја повика Германија да преговара за воените репарации. Од своја страна, од германската влада се очекува да го одбие барањето. Веќе во минатото, јасно стави до знаење дека Грција нема законско право да бара надомест за Втората светска војна.
Според некои грчки адвокати, ова германско негирање може да го отвори патот за случајот да се поведе пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, вели германското списание.