Сопственикот на барот во швајцарското скијалиште Кран-Монтана, каде што за време на новогодишна забава во пожар загинаа 40 лица, е пуштен на слобода откако судот му го укина притворот.
Жак Морети е ослободен под строги услови, соопшти судот во Сион, во кантонот Вале. Тој е должен да ги предаде личните и патните документи, нема право да ја напушти Швајцарија, мора секојдневно да се јавува во полиција и да плати кауција. Судот информираше дека на сметката на обвинителството се уплатени 200.000 швајцарски франци, наводно од негови блиски пријатели. Истите мерки се однесуваат и на неговата сопруга, Џесика.
Според првичните наоди од истрагата, за време на новогодишната прослава во барот „Le Constellation“, активирањето на прскалките предизвикало палење на пената на таванот, по што огнот се проширил со голема брзина.
Во трагичниот пожар животот го загубија 40 лица, меѓу кои и голем број малолетници. Повредени беа вкупно 116 лица, од кои 80 се здобиле со тешки изгореници.
























