СОНК со барање до Владата и Министерството за образование

Министерството за образование и наука и Владата треба да размислат за алтернативни методи на наставата во второто полугодие во основното и средното образование, додека бројот на заразени не падне и не се стабилизира епидемиолошката сосотојба во земјата, апелираат од Самостојниот синдикат за образование и наука (СОНК).

Јаким Неделков, претседателот на СОНК вели дека во време на висок процент на заразени и минусни температури, не се сигурни дека Владата донела исправна одлука за начинот на одржување на наставата во второто полугодие.

– Ако се погледнат бројките на дневно ниво на заразени од ковид-19 и ако стручните лица кажуваат дека пикот се уште не е постигнат, оправдано стравуваме дека пикот може навистина да се случи во училиштата и многу ученици и наставници да се заразат. Таквата состојбата ќе биде сериозна – посочува Неделков.

Според него, сите се свесни дека омикрон-сојот побрзо и полесно се шири, но со оглед на минусните температури и на почитување на протоколите на проветрување на училниците, покрај ковид-19, може да има и ширење на грип, настинки и друго.

– Затоа бараме алтернативно изведување на наставата, па потоа да се види каква ќе биде епидемиолошката сосотојба. Првично предлагаме наставата две недели да се одвива онлајн. Наставниците се веќе обучени, на учениците им е познат начинот на функционирање. Знаеме дека тој начин е потежок, но засега е побезбеден – додава претседателот на СОНК.

Владата на вчерашната седница донесе одлука второто полугодие да започне на 1-ви февруари со физичко присуство и согласно протоколите за заштита од коронавирус.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.