Советот на општина Прилеп донесе одлука! 1 милион денари за семејствата на настраданите и повредените во трагедијата во Кочани

На денешната 58ма седница на Советот на Општина Прилеп, едногласно беше донесена одлука за доделување на хуманитарна помош од 1 милион денари, за настраданите и повредените во трагедијата во Кочани, а седницата започна со едноминутно молчење во знак на почит и сочуство кон настраданите и нивните семејства.

По останатите точки од дневниот ред советниците дадоа согласност за измена и дополнување на Годишниот план за вработување за 2025 година на ЈКП „Пазари“ – Прилеп. Исто така, беше усвоена одлука за утврдување на максималниот износ на вредноста на бодот за пресметување на платите на административните службеници во ЈОУДГ „Наша иднина“ – Прилеп за 2025 година.

На седницата беше изгласана и одлуката за расходување на нефункционална, оштетена и дотраена електронска опрема во ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ – Прилеп, како и расходување на расипани и неупотребливи основни средства во ООУ „Добре Јованоски“ – Прилеп.
Советниците дадоа позитивно мислење за измена на статутите на ООУ „Круме Волнароски“ – с. Тополчани и ООУ „Страшо Пинџур“ – с. Мало Коњари, со цел подобра заштита и безбедност на учениците. Дополнително, беше дадена согласност на програмите за изведување на научно-наставни екскурзии во учебната 2024/2025 година за учениците од III, VI и IX одделение во овие училишта.

На дневен ред се најде и усвојувањето на измените и дополнувањата на правилникот за доделување награди за талентирани ученици во основните и средните училишта во Општина Прилеп.

Едногласно беа прифатени одлуките за измена и дополнување на извршувањето на Буџетот на Општина Прилеп за 2025 година, како и за негово проширување. Беше усвоена и одлука за приоритетен проект финансиран преку Европската Инвестициона Банка во рамки на проектот за подобрување на водната инфраструктура, во вредност од еден милион евра.

Дополнително, на седницата беше разгледана точката за одредување јавни паркиралишта на кои ќе се врши наплата за паркирање. Советниците дискутираа и за безбедносната состојба на подрачјето на ПС од Општа надлежност – Прилеп за 2024 година. Опозицијата изрази загриженост за безбедноста, а за извештајот детално елаборираше командирот на ПС – ОВР Прилеп. Оваа точка беше изгласана со мнозинство гласови.

На крајот на седницата, Советот го усвои предлогот за прифаќање на донација во стоки од „Комфи-Ангел“ ДОО Прилеп, одлуката за поставување урбана опрема, како и за формирање Локален совет за превенција. Исто така, беше усвоен планот за работа на ПТПЕ – Прилеп за 2025 година и предлог-програмата за активности за ревитализација и заштита во услови на криза во 2025 година. Исто така беа со мнозинство гласови усвоени Предлог одлука за донесување на ДУП за четврт 2, блок 2.10 нацрт план за период од 2021-2026, предлог одлука за ДУП за четврт 2 блок 2.14 и 2.15 период од 2024-2029 и предлог одлука УП со план за парцелација за ГП бр 42 и 43 како дел од ДУП за УАЕ бр 7 во една градежна парцела.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.