Советниците се фотографираа за крај: Ја одржаа последната седница во овој состав, еве што одлучија

Денеска се одржа 69. седница на Советот на Општина Прилеп, последна во овој советнички состав. На седницата советниците ги донесоа последните одлуки за градот. Беше усвоен тримесечниот извештај за финансиското работење на ЈП „Пазари“ Прилеп за период до 30 јуни 2025 година, како и извештајот на ЈКП „Водовод и канализација“ Прилеп за периодот април–јуни 2025 година. Дополнително, беше усвоен и планот за вработување на ова јавно комунално претпријатие за 2026 година.

Советот донесе одлука за формирање паралелки со помал број ученици за учебната 2025/2026 година во следните основни училишта: ООУ „Добре Јованоски“, ООУ „Блаже Конески“, ООУ „Рамо Левката“, ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“, ООУ „Климент Охридски“, ООУ „Кочо Рацин“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Кирил и Методиј“ – с. Канатларци, ООУ „Страшо Пинџур“ – с. Мало Коњари и ООУ „Круме Волнароски“ – с. Тополчани. Со оваа одлука ќе се овозможи подобра организација на наставата и услови кои ќе бидат во интерес на учениците, наставниците и родителите.

На денешната седница беше усвоен и извештајот за работа од минатата година, како и Програмата за работа за учебната 2025/2026 година на ЈУДГ „Наша иднина“ – Прилеп. Советниците исто така одлучија ЈКП „Комуналец“ – Прилеп да може да користи опрема за доизградба на „Погон за преработка на безопасен комунален отпад“.

На крајот на седницата, претседателката на Советот на Општина Прилеп, Ирена Стерјовска Локвенец, им се заблагодари на советниците за успешната и активна работа во текот на четиригодишниот мандат. Таа истакна дека секогаш можи повеќе, но дека е задоволна од сите одлуки и акти кои ги донесе овој состав на Советот на Општина Прилеп, во рамките на своите надлежности и со цел да се создаде град достоен за секој жител на општината. Во своето обраќање таа им посака на идниот советнички состав и на идниот градоначалник плодна и успешна работа во интерес на градот и на сите прилепчани.

Со оваа седница официјално заврши работата на Советот на Општина Прилеп во актуелниот состав.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.