СН Осигурителен Брокер АД Битола им исплати камата по каматна стапка од 6% на годишно ниво на имателите на Корпоративна обврзница на СН Осигурителен Брокер со ИСИН код MKSNOB200014 и шифра на тргување SNBTO.
Каматата исплатена во текот на денешниот ден (1.03.2024) е втора по ред, додека првата исплата беше реализирана на 1 март 2023 година. Право на камата имаат лицата регистрирани во книгата на иматели на Корпоративна обврзница – емисија на издавачот СН Осигурителен Брокер АД Битола во Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје.
За илустрација, секој што вложил 1.000.000 денари во корпоративната обврзница на СН Осигурителен Брокер, со добивањето на каматата остварил принос од 6 отсто, односно 60.000 денари годишна камата. Ова е највисоката камата не само од корпоративна обврзница, туку споредено и со други финансиски инструменти, бидејќи истиот износ средства вложен во класичен банкарски депозит односно орочен штеден влог во денари или евра, носи помал принос.
СН Осигурителен Брокер АД Битола е првиот правен субјект од нефинансискиот сегмент на националната економија кој издава долгорочни хартии од вредност − корпоративна обврзница.
Датумот на достасување на главницата на корпоративната обврзница е 28.02.2027 година по фиксна годишна камата од 6,00% за целиот период. Каматата се пресметува и се исплаќа во денари.