Друштвото за производство, трговија, услуги и градежништво ТОП БИЛД ДООЕЛ експорт-импорт Скопје е избрано за најповолен понудувач за изградба на новиот кружен тек на мостот “Табана” во Прилеп.
Сепак потпишувањето на договорот и почетокот на работите ќе почека, бидејќи во моментов се води жалбена постапка по поднесена жалба од друга фирма.
Изградбата на кружен тек на улиците „11-ти Октомври“, „Кеј 9-ти Септември“ и улица „Кеј 1-ви Мај“ (мост „Табана“), треба да се реализира во рок од 300 денови сметано од денот на воведување во работа.
Изградбата на кружен тек на мостот “Табана” е проект кој датира уште од 2017 година, за кој средства беа обезбедени од Светска банка, а го најави тогашниот градоначалник Марјан Ристески. За жал проектот беше откажан од следната владеачка гарнитура предводена од Илија Јованоски, за кого овој проект веројатно беше голем залак.
Вредноста на проектот во тоа време требаше да изнесува околу 2 милиони, обезбедени преку кредит од Светска банка, со три години грејс период и рок на отплата од 10 години. Кредитот вклучуваше и енормно ниска камата која беше доста поволна за општината, а после завршувањето на проектот, општината требаше да добие ГРАНТ во вредност од 500.000 евра за успешно завршување на проект.
На таков начин Прилеп ќе добиеше средства за финансирање на друг капитален проект што ќе беше од огромно значење за градот.
Што се однесува пак до изградбата на улицата “ПОБЕДА”, тендер кој првично го доби фирма од Велес, по жалбена постапка, тендерот беше повторен, па сега за најповолен понудувач е избрано Друштвото за производство, промет и услуги ИБО ПОД увоз-извоз ДООЕЛ Прилеп.
Улицата е еден од четирите капитални проекти со кои општина Прилеп минатата година аплицираше до Министерството за локална самоуправа, по повикот од Владата за државна финансиска помош на општините.
,,Победа“ треба да обезбеди ново поврзување во градот, и тоа од крстосницата на ул.,,Александар Македонски“ кај Авто мото сојузот, до крстосницата со улица ,,Павел Шатев“.
Предвидени средства за изградбата на оваа улица беа 43 милиони денари.
Средствата за изградба на двата капитални проекти се обезбедени од Министерството за транспорт и врски.