Скандал во градежништвото, одземени над 400 лиценци – Николоски открива како се изигрувал системот!

Министерството за транспорт и врски досега одзеде 427 лиценци на градежни компании кои не ги исполнуваат потребните услови, иако во моментот на издавање ги задоволувале критериумите. Ова денеска го изјави министерот за транспорт и врски и вицепремиер, Александар Николоски, по извршените контроли во градежниот сектор.

Како клучни причини за одземањето на лиценците, Николоски ги наведе недостатокот на стручен кадар, како и одредени типови на градежни машини.

– Забележавме дека исто лице фигурира на пет-шест различни фирми или пак се прави договор само за да се добие лиценцата, а веднаш потоа тој вработен се одјавува. Ова е класично изигрување на системот. Македонија е мала држава, а Министерството има издадено околу 3.000 лиценци, што е повеќе од реалниот капацитет – изјави Николоски за ТВ Сител, додавајќи дека очекува бројот на лиценцирани фирми да се намали на околу 2.500 по следната контрола.

Министерот рече дека во наредниот период ќе се испитуваат и проектите во кои учествувале овие фирми, а компаниите што ја изгубиле лиценцата, најмалку една година нема да можат да аплицираат за нова.

Паралелно со градежните контроли, Николоски се осврна и на ситуацијата со дискотеките кои работеле без соодветни дозволи или со лажни документи.

– Државниот пазарен инспекторат работи со асистенција на МВР, а за прекршителите се известува и Обвинителството. Нема да останеме само на констатирање на неправилности, ќе следат и кривични пријави – порача министерот.

Тој додаде дека во иднина ќе мора да се зголеми бројот на инспектори, бидејќи во моментов има само 40 на ниво на целата држава.

Во однос на истрагата за трагедијата во Кочани, Николоски оцени дека Обвинителството и полицијата професионално ја водат постапката, потенцирајќи дека 34 лица веќе се во притвор.

– Ова јасно покажува дека ќе има одговорност, за разлика од претходни случаи каде што немаше приведени. Честитки до полицијата и правосудните органи за ажурноста – изјави тој.

Воедно, министерот упати критика кон, како што рече, „помали политички актери“ кои се обидуваат да ја злоупотребат несреќата во Кочани за дневнополитички цели.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.