Си поигрува ли власта со здравјето на граѓаните? Митинзи ќе има, маски на гласање … ова се сите правила

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на денешната прес-конференција информираше дека на барање на претседателот на државата Стево Пендаровски, а како резултат на заклучоците од лидерската средба која се одржа пред два денvа, Комисијата за заразни болести изготви протокол за спроведување на изборната кампања и за денот на изборите, односно за целокупниот процес на гласање.

Овој протокол беше едногласно поддржан од сите членови на комисијата и истиот мора да се спроведува целосно и без исклучоци, за да се заштити здравјето на граѓаните.

„Сите лидери на политички партии на лидерската средба се изјасниле дека здравјето на граѓаните е на прво место и затоа очекувам дека сите партии, нивните членови и учесниците во изборната кампања и изборниот процес, овој протокол ќе го почитуваат. Протоколот произлегува од генералните препораки за заштита на граѓаните од КОВИД-19, кои во овој момент се на сила и ќе останат во сила и во наредниот период. Дополнително, тој предвидува мерки, ограничувања кои прецизно го регулираат начинот и спроведување на изборната кампања, поединечните активности на партиите, движењето и организацијата на собирите и на крајот, здравствениот протокол за денот на гласањето, кој е составен од четири дела. Истите ќе бидат доставени и до претседателот на Владата, Оливер Спасовски и секако до претседателот на државата, господинот Пендаровски за понатамошно комуницирање со партиите и координации“, рече министерот Филипче.

Тој посочи дека во однос на предизборната кампања, согласно генералните препораки на Комисијата за заразни болести, а врз основа на кои се темелат генералните правила за движење, социјализација и комуникација на луѓето, одржувањето на сите активности на партијата, треба да се одвиваат исклучиво почитувајќи ги физичката дистанца од еден и пол до два метра, која е и сега препорачана. Останува да важи во целиот следен период понатаму, задолжителното носење на заштитна маска или прекривка на устата и носот, при реализација на сите активности и комуникација за време, но и пред кампањата, согласно важечките уредби, секогаш на затворено, а на отворено, кога не може да се одржи физичката дистанца, како и задолжително често миење на рацете и дезинфекција во насока на превенција.

„Собирите, коишто се одржуваат на отворен и на затворен простор секогаш почитувајќи ги овие мерки и согласно тоа, бројот на учесници, дури и за помали собири да се користат разгласни уреди за озвучување, за да се избегне концентрирање на луѓето на помал простор. Кампањата врата на врата, исто така мора да се реализира согласно овие протоколи. Мора да се носи заштитна опрема, да се одржува дистанца со говорниците, да не се влегува и да не се прават посети во самите домаќинства, туку исклучително надвор на врата и во дворовите. Партиските активности во штабовите и партиските простории секогаш кога е можно да се одржуваат на отворено, а доколку се одржуваат на затворено важат сите горенаведени правила. Задржувањето во партиските простории не треба да биде подолго од два часа, по што истите треба да се проветруваат и да се врши секојдневна дезинфекција на просториите“, информираше министерот Филипче.

Тој додаде дека, мобилните штандови, односно пултовите на делење на рекламен материјал не треба да служат како места за собирање на голема бројка на граѓани, да нема голем број на активисти на еден штанд, не повеќе од двајца и сите да носат заштитна опрема, согласно протоколите. Партискиот превоз се спроведува со средствата за јавен превоз чијшто капацитет е пополнет максимум 50 проценти, а сите внатре во возилата да носат заштитна опрема. Превозниците треба да обезбедат средства за дезинфекција на возилата.

„Во однос на денот на изборите, членовите на гласачките одбори и сите акредитирани набљудувачи мора да носат заштитни маски и ракавици. Во просторијата да седат со отворени прозори или да ја проветруваат секој час, на секое избирачко место мора да има средства за дезинфекција на рацете, гласачите пред избирачкото место да чекаат на дистанца од два метри. При влегување во внатрешниот простор најпрво ги дезинфицираат рацете, при подавање на личната карта ја симнуваат заштитната маска на кратко, за идентификација и притоа ја држат потребната дистанца од членовите на избирачкиот одбор. По гласањето повторно ги дезинфицираат рацете. Во просторијата, никогаш нема повеќе гласачи од бројот на боксови за гласање. Доколку постои можност, а за што треба да се консултира Државната комисијата се зголемува времето за гласање за два часа, за да се избегнат поголеми гужви“, потенцираше министерот Филипче.

Министерот Филипче на прес-конференцијата ги повтори заклучоците и проекциите на Комисијата во однос на ширењето на вирусот во наредниот период.

Бројот на заболени во нашата земја значајно се намали, за 10 пати е намалена инциденцата, сега во споредба со периодот од еден месец и тоа се должи на препораките токму од Комисијата за заразни болести, коишто министерот за здравство, чиешто советодавно тело е Комисијата, ги предлага до Владата.

„Факторите кои што ги евалуираме и врз основа на кои што кажуваме дека епидемијата е во фаза на смирување, односно е под контрола е бројот на новодијагностицирани пациенти, број на пациенти во болниците, број на пациенти со тешка клиничка слика и на респираторна машина, број на слободни кревети во болниците, бројот на починати лица, процентот на пациенти за кои знаеме кој е кластерот, односно по која линија се заразени, како и Р-факторот на преносливост. Сите овие фактори се значајно подобрени од почеток на епидемијата. Во однос на предвидувањата на следниот период, сега сме во фаза кога практично ги гледаме добрите ефекти на силните мерки. Се наоѓаме во последните недели на вообичаеното траење на респираторните епидемии, понатаму фаза, во која не работат школите и градинките и имаме затворени граници. Сите фактори кои придонесуваат да имаме еден мирен период. Но, треба да сме свесни дека вирусот нема да исчезне во подолг временски период, не само кај нас, такви се предвидувањата и очекувањата во светот. Сликата веројатно ќе се смени, дури откако ќе се открие вакцината и периодот до стекнување на колективниот имунитет, што значи пред нас е еден период, во којшто треба да научиме да живееме со вирусот“, истакна министерот Филипче.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.