Полициската станица „Прилеп“ поднесе кривична пријава против 29-годишната Ј.Ч. од Прилеп – управител на туристичката агенција „Сторија Травел“ дооел Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „измама“ и „фалсификување или уништување деловни книги“. Ј.Ч е осомничена дека се стекнала со противправна имотна корист од 1.613.446 денари.
Кривична пријава е поднесена и против правното лице „Сторија Травел“ за кривични дела „измама“ и „фалсификување или уништување деловни книги“.
Како што соопшти денеска Министерството за внатрешни работи (МВР), Ј.Ч. до 4 август лани како управител на пријавеното лице работела под називот „Вијаџо“ со седиште во Прилеп. Од тој датум извршила промена на седиштето во Скопје, а тоа во Прилеп го регистрирала како подружница на оваа фирма. На 3 септември лани со решение од Основен суд Скопје-2 воведена е општа забрана за располагање на имотот на должникот и исплати од сметката, а на 22 септември е отворена стечајна постапка над „Вијаџо“ дооел.
Во текот на постапката за стечај требало да биде назначен нов стечаен управник да врши надзор и контрола над спроведувањето на планот за реорганизација на правниот субјект „Вијаџо“ дооел-во стечај Скопје, за што видно од историјатот за промени била извршена и промена на седиштето и називот на фирмата, а овој субјект во правниот промет евидира како „Сторија Травел“ ДООЕЛ Прилеп, при што како управител со неограничени овластувања е запишана пријавената.
– Против тоа правно лице во текот на 2012 година е поднесена кривична пријава за измама на голем број граѓани, а во такво својство во текот на годинава почнала со вршење услуги на туристички агенции лажно прикажувајќи дека е овластена да продава промотивни авио билети по цени далеку поевтини од реалните без да ги поседува потребните дозволи и сертификати. За тоа граѓаните и плаќале лично преку услугата „брз трансфер на пари“ и тоа во времето кога се водела стечајната постапка, а исто така и за целокупното работење пријавената не водела никаква книговодствена евиденција ниту прикажувала и плаќала ДДВ. На ваков начин пријавената оштетила 15 субјекти од кои едно правно лице стекнувајќи се со противправна имотна корист од 1.613.446 денари, се вели во соопштението.