Прилеп е подготвен за одржување на 14-тиот фестивал на „Пиво фест 2016“ што ќе се одржи од 14 до 17 јули.
И оваа година се очекуваат над 350.000 посетители на четирите фестивалски вечери од земјава и од Балканот.
На 20.000 метри квадратни ќе бидат поставени 30-тина штандови, на гостите на располагање им се околу 20.000 паркинг места, хотелските капацитети и приватното сместување се речиси исполнети, а место се бара и во околните градови. За да се обезбеди подобра услуга ќе биде продолжено и работното време на сите трговски и угостителски објекти во градот.
Фестивалот на пивото и оваа година најавува одлична забава со македонското девојче Каролина Гочева, Crossroad Blues Band, познатата ска – панк група од Белград „Самостални референти“, Fly Project, Raphael, Тропико Бенд, Рада Манојловиќ, Хари Мата Хари, Александра Радовиќ, Миле Кузмановски, Bang La Decks, Дејан Петровиќ, Парни Ваљак како и познатата балканска ѕвезда Аца Лукас.
Во четврток забавата започнува со прилепскиот блуз бренд “Crossroad Blues Band”, потоа следува реге изведувачот Raphael, па познатиот српски бенд Тропико, а за крај следува големо финале, настапуваат светски познатите “FLY PROJECT”.
Романскиот бенд најави големо шоу и незаборавна забава.
Прилеп ве очекува на ладно пиво и најдобра скара. Овогодинешните четири фестивалски денови со најавената програма ветуваат можеби најпосетено издание на Пивофест.
Наздравје!