Сите славиме, но еве како правилно треба да се слави ИМЕНДЕН!

Празникот или светителот што се слави се смета за заштитник на самиот човек кој го носи неговото име во негова чест, но не само како заштитник на оној кој го носи тоа име туку и заштитник и на неговото семејството и домот. Семејството е мала Црква, а и самиот празник значи заедница со роднините, блиските и пријателите – како Црква Божја, па затоа и најмалата семејна заедница треба да има свој домашен празник.

Светителот не е само наш посредник и молитвеник пред Бога, туку претставува и жива врска со сите наши семејни претци, со кои нè поврзува во едно живо семејство, кое трае со стотици и илјадници години.

Имендените се прославување на светител чиешто име некој го носи. Во минатото во православните народи, кога ќе се родело дете му ставале име на светителот, што се слави тој ден или пак по најблискиот поголем празник, а, некаде, пак, и според името на дедовците и бабите. Носењето христијанско име, е многу важно, за да имаме пример во нашиот живот, да се угледуваме на животот и делата на светителот што му го носиме името. Обврска и должност е, секој христијанин да знае за својот светител, за неговиот живот, дела, и зборови со кои ја докажал својата вера во Господ Христос. И особено е важно и молитвено да му се обраќа за помош и застапништво пред Бога.

КАКО ПРАВИЛНО ТРЕБА ДА СЕ СЛАВИ ИМЕНДЕН?

Овие празници имендените се одбележуваат и треба да се прославуваат на христијански начин – така што акцентот нема да биде ставен на храната, забавата и музиката, туку на духовната димензија на празникот. Најважно е да се дојде во Црква и да се присуствува на Божествена Литургија. Секако, се прави колач или помало лебче, наречено Панагија (во спомен на Пресвета Богородица), варена пченица (коливо) и се носи во Црква, покрај колачот (лебот) и пченицата, треба да има и црвено вино и свеќа.

Ако не се направи овој најважен и суштински дел, а се посвети целото внимание и време на ручекот со блиските, тогаш е напразно. На Бога и на светителот не му е угодно такво славење. Без молитва и без благослов. Тогаш, таквиот ден нема многу да се разликува од останатите денови.

Треба да знаеме дека, светителите коишто ги славиме како имендени, тие самите Бог Го прославиле во својот живот. Тие се светилници што го покажуваат патот кон Бога и вечниот живот. Светителите се неодвоив дел од животот на Црквата. Бесмислено е да славиме без да се отиде во Црква, без молитва и да се благослови (крени) лебот со виното и варената пченица.

Ако именденот е во ден кога се пости (среда или петок), или во повеќедневни пости, трпезата задолжително треба да се состои од посни јадења. За жал, во последно време сè поголем е бројот на оние семејства, кои, за да им угодат на гостите и за што подобро да ги „пречекаат“ и „нагостат“, го нарушуваат светиот поредок на Црквата. Но, на таков начин, тие семејства во суштина не слават именден, туку слават гозби, со кои се исмејуваат и на Бога и на самиот светител. И за жал, многумина имендените ги слават на таков начин, а благословување (кревањето )на лебот не го исполнуваат.

По молитвите на Мајката Божја и сите наши светии според кои се именуваме со нашите имиња, Господ Бог да не спаси и помилува со Неговата милост!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.