На десетина километри оддалеченост од Прилеп, под врвот Златоврв, меѓу грамадните карпи распослан е манастирскиот комплекс “Успение на Пресвета Богородица” или попознат како Трескавец. Манастир кој е нем сведок за богатото културно и духовно наследство на Прилеп низ историјата, и светилиште кое традиционално за денешниот празник собира голем број верници. Така е и денеска, редици верници од утрово го посетија манастирот, запалија свеќи и се помолија за здравје.
Во продолжение прочитајте повеќе за ова древно светилиште кое е се’ за прилепчани.
До Трескавец, сега со новиот пат, изграден од 2013 година, се стигнува многу брзо, за разлика од порано кога се одеше пеш.
Кога и да појдете во манастирот љубезно ќе ве пречека домаќинот – отец Калист. Ќе ви посака добредојде, ќе ве остави малку да одморите од долгиот пат, за потоа да ви раскаже гордо за неговиот дом, за манастирот.
Последните години од манастирскиот комплекс побудува интерес особено кај странските гости. Доаѓаат од сите страни, дури и цели делегации. Сите се воодушевуваат од она што имаат можност да го видат, да го почуствуваат.
Просторот каде што е изграден манастирот е заштитен од сите страни. Се вели дека Бог го чувал манастирот од невреме и трескавици. Затоа местото се вика Трескавец. Со векови се пренесува преданието дека монасите од дамнина поставиле златно јаболко на највисоката точка од манастирот на над 1300 метри за да го чува од чести грмотевици. И сега го има.
Комплексот го сочинуваат црквата Успение на Пресвета Богородица, опожарените манастирски конаци, кои се градат, трпезарија со магерницата, магерничкиот конак и влезната порта со кула – камбанарија.
Како донатори на манастирот се споменуваат византиските императори Андроник II и Михајло IX, а подоцна во 16 век српскиот крал Милутин, царот Душан и неговиот син Урош.
Трескавец е културно историски споменик заштитен со закон. Тој е на списокот за заштита меѓу стотте најзагрозени културно-историски споменици во светот.
Првиот христијански храм кај Трескавец датирал од VI век, а во XIV век манастирот бил на удар на разурнувачи. За неполни 100 години бил обновен и му била вратена автентичноста со нови религиски орнаменти, специфични за тој период. Но духовното светилиште Трескавец било погодено и од огнена стихија во 19 век и во 90 години на минатиот век, како и во 2013 година кога изгореа конаците.
Денешната црква е еднокорабна градба со тристрана апсида на источната страна. Страничните ѕидови се расчленети со по два пиластри кои преку лаци го прифаќаат централното кубе. На западната страна е наосот.
Живописот на црквата, кој се планира следната година да се конзервира и заштити, датира од повеќе временски периоди. Најстари се фреските во егзонартексот и двата компартименти со илустрација на календарот.
Манастирот поседува и други уметнички предмети како што се двокрилна врата работена во плитка резба, крстот Космитис од 16 век работен во резба и певница изработен во инкрустација. Богатиот ентериер на црквата го надополнуваа празничните икони, иконите со претстави на апостолите и други икони кои потекнуваат од 17, 18 и 19 век.
На една од куполите насликана е претстава за Божјиот Син како небески цар во трон со евангелие. Покрај него, во композицијата е царицата Богородица и царот Давид. Околу нив света војска пополнета со херувими, среафими, арахангели и ангели. Осум свети војници се меѓу прозорците и тие се поинакви од вообичаените композиции.
Манастирот со години не бил само монашко седиште, туку и книжевно средиште каде што монасите правеле ракописи со широко распространета препишувачка дејност. Во него имало и библиотека, но за жал сега нема останато ништо од тоа богато наследство.
За убавините на Трескавец репортажа пред години направи и британската телевизија BBC, а на овој предел се снимаа и повеќето македонски играни филмови.
Легендата што ја запишал Јордан Хаџи Константинов Џинот
Султанијата Кала-Мара, која била една од жените на турскиот султан Мурат II, застанала да се причести во манастирот на пат кон вилаетот во Мариово. Владиката не ги отворил портите и не дозволил причест за султанијата, оти живеела во брак со некрстениот султан. Кала – Мара се налутила и им наредила на 500 војници да го урнат манастрирот и да ги заколат сите монаси.
Според некои сознанија биле 300, а други извори велат дека 700 монаси завршиле по ножевите на збеснатиот аскер. Само владиката бил оставен жив за да раскажува за настанот. Некои историчари толкуваат дека султанијата од преданието била ќерка на српскиот деспот од бракот со неговата втора жена Ирена Кантакузина. Кала-Мара била родена во 1417 година и се омажила за султанот во 1435 година во Едрене.