Сите го гледаат, а никој не реагира: Постела под отворено небо во центарот на Прилеп (Фото)

Наш сограѓанин неколку месеци ја има за спална соба заднината на трафиката за сувенири во паркот во центарот на градот – пишува весникот “Зенит”.

Секоја вечер просторот станува постела под ведро небо. Со едно килимче под него и повеќе картони за меко легло, сограѓанинот легнува напокриен со разноразни покривки во битката со студот.

Вели дека летоска му било згодно, топло. Само го вознемирувале кучињата, скитници, кои во битката за своја територија на плоштадот, лаеле и му го кршеле сонот. Некои се засолнувале околу него. И денес негови верни пријатели се пците без сопственици. Го делат студот во мракот. Понекогаш заедно се топлат, легнати еден покрај друг, а некогаш и врз него.

Нашиот сограѓанин нема дом. Без покрив над главата, топол дневен престој му е сончевата клупа во паркот изутрина кога ќе се разбуди. Тука го минува денот со своите пријатели. Понекогаш ја отвора тезгата за чистење чевли, наследена од починатиот татко.

Заработува некој денар за леб. Во дождливите денови се засолнува крај ближните стреи. Спас за изненадните ноќни врнежи бара во покривката од најлон. Стравува од зимата која доаѓа. Среќен е што задоцнила и есента е топла. Кога ќе паднат температурите, амбиентот на ,,резиденцијата,, во паркот не ќе биде ниту за гледање, а камо ли за живеење. Студот в коски влегува и кај нашиот сограѓанин.

Како ќе ја преживее зимата? За жал, сите го гледаат, а никој не реагира. Ниту платените социјални служби.

Извор: “Неделник Зенит”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.