Кандидатката за претседател на Македонија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Проф.Д-р Гордана Силјановска Давкова, ја прокоментира намерата на Владата за набавка на нов владин авион вреден 20 милиони евра.
“Во план е набавка на нов и поголем авион за потребите на Владата и претседателот на Републиката. Во време кога здравствениот систем доживува колапс, службите на итната медицинска помош едвај функционираат со стари и нефункционални возила (чекајќи ја приватизацијата на секторот), државните функционери мислат само на својата удобност и безбедност, а тоа го оправдуваат со наводно зголемени потреби за патувања заради интеграцијата во НАТО и ЕУ. Ваквите потези сведочат за бескрупулозноста и себичноста на владејачката каста, која не работи за својот народ и не мисли на неговите секојдневни потреби.
Македонија, една од најсиромашните земји во Европа, сака да има ВИП авион кој ќе чини 20 милиони евра (плус одржување, пилоти, редовни тренинзи, и сл.) – и со тоа се легитимира како олигархија, во која управувачите ја злоупотребуваат моќта и државниот буџет за сопствени потреби.
За разлика од нас, во старите европски демократии секојдневно гледаме како првите луѓе на државите (некои дури и со кралско потекло) користат велосипеди, јавен превоз и редовни авионски линии. Освен тоа, во Европската Унија се подигнува свеста за потребата од поголема заштита на човековата средина, меѓу другото и со намалување на авионскиот превоз за владините делегации.
Нашиот мудар народ одамна рекол дека секој треба да си ги простре нозете колку што му е долга чергата, но сега тоа го прават само мнозинството граѓани кои крпат ден со ден, додека тајкуните во власта сметаат дека се привилегирана каста која заслужува посебен и различен третман од обичните смртници. Додека тие летаат на небо со пари кои не ги заработиле ами одзеле од насушните потреби на општеството (да не зборуваме за секојдневните задолжувања и падот на економијата), граѓаните живеат со надеж дека амбулантното возило ќе стаса навреме за да спаси нечиј живот.
Апелирам планот да се отфрли веднаш, а доколку станам претседател на Републиката, ќе одбијам вакви привилегии додека мојот народ нема за живот. Ако сакаме да се интегрираме во ЕУ, пример за европско однесување треба да дадат оние на власт, и да покажат скромност и почит и емпатија за оние кои живеат во сиромаштија.
СТОП ЗА ПРИВИЛЕГИИТЕ НА МОЌНИТЕ! Правда и право за сите!”, напиша Силјановска на Фејсбук.