Херојски Прилеп не се откажува од Македонија. Прилепчани обединети и секоја вечер се побројни, под превезот на црвено-жолтата боја на македонското сонце, чекорат и маршираат за зачувување на државата.
“Битката за Македонија штотуку почнува”, порачаа граѓаните на градот кој во историјата ги дал Пере Тошев, Ѓорче Петров, Кузман Јосифоски – Питу, Мирче Ацев, Методија Андонов – Ченто и стотици други знајни и незнајни борци за слободна и самостојна Македонија.
Но, срцата јуначки вечерва заплакаа, ги растажија силните пораки на професорката Д-р Валентина Божиновска, чиј моќен глас одекнуваше од Селечка Планина до Маркови Кули.
Лицата на илјадниците присутни се натопија со солзи, кога Божиновска ги присети прилепчани за трагичната судбина на првиот претседател на АСНОМ Методија Андонов- Ченто, кога ги потсети за изјавата на Зијадин Села, дека Македонците не постојат како народ, кога им спомна за загинатите на Карпалак и за секое чедо кое го дало животот за Македонија.
Пред граѓаните се обрати и Светислав Димитриески, еден од основачите на единицата за брза интервенција во 2001 година “Лавови” и претставникот од турската заедница во Прилеп, Невзат Алиоски.
Граѓанските патриотски здруженија кои се организатори на овие мирни маршови во Прилеп, ги поканија граѓаните на голем народен хепенинг, утре со почеток од 13 часот пред Саат кулата.
A.Г.