Се шинаа! Земјоделците од прилепско ќе добијат само 3% од вкупната штета проценета на 185 милиони денари?!

Советот на Општина Прилеп вчера ја одржа редовната 21 седница, на која советниците расправаа за прашања поврзани со работата на локалната самоуправа, јавните претпријатија и легализација на бесправно изградени објекти.

Meѓу останатите одлуки, Советот донесе одлука да исплати 6 милиони денари за земјоделците чии посеви во јули месец беа погодени од катастрофално невреме.

Овие средства се 3% од вкупната штета која беше предизвикана од невремето и која изнесуваше 184.609.144 денари.

„Донесовме одлука да ја издвоиме максималната законска сума која Општина Прилеп може да ја исплати, а која изнесува 3 отсто од вкупната штета, или 6 милиони денари”, истакна Миле Талески претседател на Советот на општина Прилеп.

Од поднесените 1.315 барања на земјоделците тогаш, од Комисијата биле прифатени 1263 барања, па ако се направи eднаква распределба на овие средства секој земјоделец би добил само по 4.750 денари.

Имајќи во предвид дека некои од овие земјоделци имаат поголеми површини, а некои помали, обештетувањето за дел од земјоделците ќе биде незначително.

Земјоделците од прилепските села Големо и Мало Коњари, Кадино село, Галичани и регионот на населбата Варош, летово останаа без цели насади со тутун, пипер, пченка…

Овие семејства сеуште чекаат одговор и од второстепената владина комисија, од каде сеуште нема ни ал ни абер дали и во колкав процент ќе биде обештетена нивната мака.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.