По неколкугодишните пролонгирања, изградбата на новата Детска градинка „Бајка“ во Прилеп, со капацитет за 218 дечиња, конечно е завршена. Очекувањата се дека најдоцна околу Нова година таа и ќе профункционира. Во моментов, со назнака „итност“, се чека на добивањето согласности од Министерството за труд и социјала и од Министерството за финансии за вработување на потребниот персонал од околу триесетина луѓе, велат од Локалната самоуправа и додаваат дека со Одлука на општинскиот Совет, Градинката веќе е предадена во владение на ЈОУДГ „Наша иднина“ – oбјави “АЛФА ТВ”
„Се надевам дека ќе бидат во прашање денови или неколку недели кога ќе одиме на терен и официјално ќе го започнеме, промовираме објектот „Бајка“ како нова институција каде ќе се згрижуваат најмладите од нашиот град…Веќе одлуките на Советот се потпишани. Директорката на „Детски градинки“ веќе ги има испратено до Министерствата…и се надеваме дека во најбрзо време, во најбрз временски период ќе го имаме фит- бекот од тие министерства“, – изјави Ирена Стерјовска, претседателка на Совет на општина Прилеп.
Новата Градинка „Бајка“, започна да се гради уште во 2021 година, со помпезна најава од тогашната локална власт дека во функција ќе биде ставена за само 7 месеци. Меѓутоа, се’ досега таа не ги исполнуваше условите за да почне со работа. Освен што од старт се доцнеше со изградбата, по промената на локалната власт беше утврдено и дека е наследена без ниту еден уплатен денар, и со Договор – во наредните три години да биде исплатена целата сума од 133 милиони денари. Но, проблем не беше само ова. На Градинката не можеше да и’ се направи технички прием, бидејќи беа детектирани и низа проектни пропусти кои мораше да бидат отстранети. Ниско поставени штекери, отсуство на преградни ѕидови во кујната која треба да биде и централна кујна, во детските тоалети не беа предвидени паравани согласно полот на дечињата, а не беше предводена и ограда околу објектот, беа само дел од забелешките на надлежните. „Како, зошто и кој дозволил таков проект да биде реализиран, не знам, но пропустите мора да бидат отстранети“, реагираше лани директорката на градинките, Христина Трпческа.
Новата Детска градинка „Бајка“ се простира на површина од 5.030 метри квадратни и е со приземје и кат. Има 10 простории за занимални и три за детски јасли. Објектот има централно подно греење, фотоволтаици на зелениот покрив и ги задоволува сите европски и светски стандарди.
Инаку, листата на чекање за упис на деца во градинките, во Прилеп со години е исклучително долга и создава револт кај родителите, заради што ЛС планира изградба на уште една градинка со капацитет за стотина деца во населбата „Рид“.
Каролина Дурло за “АЛФА ТВ”