Се сретнаа и гушнаа Зеленски и Ковачевски (ФОТО)

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски заедно со премиерот на Република Албанија, Еди Рама имаа заедничка средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски. Премиерот Ковачевски беше придружуван од заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи а средбата се одржа на маргините на вториот Самит на Европската политичка заедница во Кишињев.

Премиерот Ковачевски ја истакна силната поддршка која Северна Македонија ја дава на Украина од почетокот на воената агресија од Русија врз Украина во февруари минатата година.

“Северна Македонија ја осуди бруталната воена агресија која Русија ја врши врз независна и суверена Украина. Го подржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и нејзиното право да го трасира самостојно својот пат. Обезбедивме и ќе продолжиме да обезбедуваме поддршка во секоја форма која на Украина ѝ е потребна”, истакна меѓу другото премиерот Ковачевски.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски се заблагодари за поддршката која украинскиот народ ја добива од Северна Македонија, истакна дека таа доаѓа во клучни моменти.

-Не правевте калкулации, бевте покрај нас од првиот ден и украинскиот народ и ние го цениме тоа, рече Зеленски.

Премиерот Ковачевски потсети дека Северна Македонија е дел од основачката група за формирање на Посебен меѓународен суд за кривичните дела од агресијата, со што јасно се позициониравме и овој пат на вистинската страна на историјата. Украина е меѓу приоритетите при претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, воедно, Северна Македонија ја подржува евро-атлантската интеграција на Украина и посветеноста на политиката на отворени врати на НАТО.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.