Некогашниот гигант 11 Октомври Еурокомпозит АД Прилеп, после долгогодишните турбуленции, штрајкови и загуби, полека, но сигурно, се издига од пепелта. Со нови соработки и добро осмислена стратегија е на пат да ги надмине проблемите и повторно да го врати страиот сјај од минатото. Работите со сигурност тргнаа на подобро, откако менаџерската палка во компанијата ја презеде сегашниот генерален директор Марјан Додовски, човек со долго искуство зад себе и висок интелектуален бекраунд во своите раце. За моменталните активности и идните планови, разговараме токму со директорот, кој открива кои конкретни чекори се преземаат за заживување на компанијата.
Кои промени се случија во 11 Октомври Еурокомпозит АД Прилеп откако сте назначени за генерален директор. Што би издвоиле накратко како клучни чекори во работењето на компанијата?
11 Октомври Еурокомпозит претставува исклучително важен стопански субјект во Република Македонија, кој ги надминува рамките на класичното трговско работење. Стратешкото производство во наменската индустрија поврзано со државните безбедносни и одбрамбени политики на Република Македонија, треба да претставува основа како за развојот на компанијата, така и за опремување на безбедносните сили на нашата држава.
Кога сакаме да говориме за сегашната состојба во која се наоѓа Еурокомпозит, мораме да се навратиме наназад во делот на развојот на компанијата и нејзиното етаблирање на пазарот, како и на улогата на факторите кои влијаеа за дестабилизирање на компанијата. Стратешката позиција на Еурокомпозит која ја имал како дел од целиот систем на воено-индустрискиот комплекс во поранешна Југославија се темелело на планирано производство и изградба на систем на организирање на работата на поврзано производство со фабриките од воено-индустрискиот комплекс на поранешна Југославија. Со распадот на Југославија се распаднал и целиот тој систем на воено-индустрискиот комплекс. Во тој транзициски период во раните деведесетти години, транзициски преживеаа само поединци, додека целиот комплекс од фабрики во Македонија како дел од овој воено-индустриски комплекс почна да тоне во дезинтегративни процеси и во загуби. Како резултат од старите времиња останаа само навиките за работа од старото време, кое се провлекуваат и до ден денес.
Со цел започнување на процес на излегување од оваа летаргична состојба, во изминатиот период многу работи се раздвижија и се започна со активности за консолидацијата на фирмата. Ова значи дека претстои сложен и динамичен процес, кој наметнува потреба сите вработени да се навикнат и на нови услови и начини на работа. Знам дека промените знаат да бидат и тешки и дека за одредена група на вработени ќе бидат и тешко адаптибилни. Ова пред се е заради старосната структура на вработените (59-60 години е просечната возраст на вработените), потоа старите навики за работа, а кај дел од вработените е присутна навиката на Еурокомпозит да се гледа како на извор на средства, кој по автоматизам им следува, па работните приоритетите им се измешани.
Како клучни проблеми на почетокот од моето назначување се истакнуваа неколку отворени прашања, пред се поврзани со немањето на здравствено осигурување на вработените што претставуваше голем товар за секој вработен во остварувањето на елементарните здравствени потреби. Исто така како постојан проблем беше и исплатата на редовните месечни примања. Многуте заостанати плати и неколку други обврски беа дел од овој социјален и економски товар на фирмата.
Денес можам со гордост да истакнам дека за нешто повеќе од една година од моето назначување на кормилото на Еурокомпозит, успешно се решени главните проблеми кои ја држеа фирмата во застој. Пред се, го затворивме долгогодишниот проблем со здравственото осигурување и денес нашите вработени се здравствено осигурани. Понатаму, се воспостави нормализацијата во редовното исплаќање на вработените секој месец. Исто така, платите за вработените од минатата година се зголемија за 20% и се започна со процесот на обезбедување на работа преку склучувањето на новите договори.
Што претставува како проблем во работењето на 11 Октомври Еурокомпозит АД Прилеп?
Заостанатите обврски и старите долгови, кои во голем дел се влечеа од раните 90-ти, претставуваат огромен товар во работењето на Еурокомпозит. Дополнителен товар во секако претставува и превработеноста и неповолната структура на вработените која силно влијае врз ефективноста и ефикасноста во работењето. Исто така, беше евидентирано дека е исклучително неповолна структурата и соодносот на производните и непроизводните работници, а тоа се должи на фактот што во изминатиот период по разни основи фирмата ја напушиле главно производните работници. Зголемениот број на вработени кои се заболени од една и повеќе заболувања дополнително влијае на работењето на фирмата.
Денес Еурокомпозит е исправен пред предизвикот на модерното време и од потребите од воспоставувањето на новите стандарди во работењето. Времето кога еден човек работи, а десетина други земаат плата полека станува дел од минатото.
Каде ја гледате позицијата на 11 Октомври Еурокомпозит во македонското стопанство?
Реструктуирањето на 11 Октомври Еурокомпозит треба компанијата да ја позиционира во редот на ретките субјекти кои можат да даваат мулти функционални услуги. Сето ова треба да се реализира со палетата од трите предвидени програми и тоа: 1. Воен програм кој во основа ќе се темели на производство на производи и давање услуги на министерството за одбрана и министерството за внатрешни работи на Република Македонија. Како партнери треба да бидат и другите државни институции во Република Македонија, како Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, единиците на локалната самоуправа, Јавните претпријатија. Воениот програм ќе биде и дел од меѓународните договори кои ќе се одвиваат во насоката на стратешкото партнерство, пред се со членките на НАТО Алијансата.
- Цивилен програм во основа ќе се темели на производство на балистички ѕид, изолациони плочи и цевки, Цилиндри и цевки по FW (Filament Winding) постапка, производи за комуналните претпријатија.
- Сервисни услуги: физичка лабораторија, балистичка лабораторија, хемиска лабораторија, како и создавање на електро лабораторија и ставање во функција на пречистителната станица за индустриски отпадни води.
Кои конкретни чекори ги преземате за унапредување на работата на 11 Октомври АД и како функционира соработката и заедничките заложби со Владата на Р.М.?
Првиот и основен правец за создавање на силна компанија е стратешкото партнерство со Владата на Република Македонија, пред се со Министерствата за одбрана и Внатрешни работи. Сметам дека дел од процесот на модернизацијата и опремувањето на македонската армија треба да се реализира токму преку Еурокомпозит. Би истакнал дека сорабатката со АРМ интензивно се развива и дека во претстојниот период ќе имаме и реализација на заеднички активности и проекти. Со МВР имаме воспоставено соработка и комуникација на високо ниво и веќе како компанија стратешки сме поврзани, а дел од опремата на македонските полициски единици е токму од Еурокомпозит.
Исто така работиме на комплетирањето на сопствената лепеза на производи кои ќе се пласираат како на домашниот така и на странските пазари. Со подеднаквото развивање на воената и на цивилната програма на производи, планираме дополнително да се зголеми продуктивноста и рентабилноста на компанијата.
Се појавуваат ли нови иницијативи за преземање на компанијата и враќање на истата на старите патеки од минатото(пред транзицискиот период), кога несомнено 11 Октомври АД бил гигант во своето работење?
Многу странски компании покажаа интерес за Еурокомпозит. Дел беа заинтересирани за стратешки активности, дел за заеднички настап на странски пазари, а дел за купување на наши производи. Со неколку компании и Институти имаме потпишано договори за соработка и меморандуми за стратешко партнерство, а интензивно работиме на развивање на соработката и на неколку заеднички проекти.
Освен на раководната позиција во 11 Октомври АД вие се долго време и на политичката сцена во Р. Македонија. Како ги согледувате моменталните политички случувања во државата и кое е вашето мислење за актуелната политичка криза и двегодишното наметнато уназадување на државата?
Јасно е дека политичката криза во Република Македонија предолго трае, а се по проблематично е тоа што таа започна малигно да се шири и да зафаќа многу сегменти на социјалното, општественото и економското живеење. Сериозен проблем е кога оваа криза започнува да доминира како главна тема во секое македонско семејство, што сериозно ги нагризува семејните вредности и создава апатична состојба, за која терапијата нема да заврши со денот на одржувањето на изборите. Ќе биде потребно време Македонија повторно да застане цврсто на нозе. Важно е изборите што побрзо да се одржат, а како што гледаме веќе се создадени сите предуслуви да имаме легитимни избори, а кредибилноста веќе е утврдена со сите законски измени во Изборниот Законик, како и со сите преземени мерки и чекори направени како дел од имплементацијата на Договорот од Пржино. Сепак на крај, кредибилноста ја потврдуваат и самите граѓани со остварување на своето право на глас на денот на изборите.
Сметате ли дека со најавените избори ќе се реши и кризата во државата, односно дали верувате во “добронамерноста” и ветувањата на опозицијата дека понатаму нема да следат нови опструкции?
Одржувањето на Предвремените парламентарни избори се само важен исчекор во процесот за излез од политичката криза, а за стабилизирање на целокупната состојба потребно е време, доверба и визија.
Би сакал да верувам дека овој пат опозицијата ќе смогне сили и дека државните интереси и иднината на нашата татковина ќе биде пред внатрепартиските комбинаторики и битки. Секоја приказна како што има почеток, така има и крај. Штета е што по завршување на оваа приказна, Република Македонија ќе излезе со многу лузни.
За крај кои се вашите желби и кон што целосно ќе го насочите вашето познавање, искуство и интелектуален бекраунд во иднина, во компанијата каде раководите и на полето на политиката?
Во овој момент како прв човек во Еурокомпозит главен приоритет ми е да го дадам максимумот за да се помогне на компанијата и на вработените, започнатиот процес на стабилизирање на компанијата успешно да се заокружи, како и да се истрасира одржлив и стабилен пат за иднината на Еурокомпозит.
Ако до пред една година главна тема беа штрајковите во Еурокомпозит, битката за здравственото осигурување, дали ќе се исклучи струјата и дали ќе има работа, денес тоа е минато и чекор по чекор овие состојби се санираат. Следен важен чекор е подмладувањето на Еурокомпозит со нов млад кадар, како и доопремување и подновување на машинскиот парк.
Убеден сум дека со оваа динамика Еурокомпозит повторно ќе биде препознатлив и респектабилен фактор не само во прилепското и македонското стопанство, туку и надвор од границите на нашата држава.
Подготви: Александар Георгиоски