Се празнува Св. свештеномаченик Xapaлампиј, сите маки ги пpeтpпел како во тyѓо тело

Овој голем светител беше епископ во Магнезија и во својата сто и тринаесетта година пострада за Христа. Кога настана страшното гонење на христијаните во времето на царот Септимиј Север, старецот Харалампиј не се криеше од гонителите, но слободно и јавно ја проповедаше Христовата вера.

Сите маки ги претрпе како во туѓо тело. А кога уште жив му ја дереа кожата, незлобливиот светител им рече на царските војници: „Ви благодарам, браќа, зашто ми го иструживте старото тело, а ми го обновивте духот за нов, вечен живот“. Изврши многубројни чуда, во верата обрати многумина.

Дури и царската ќерка Галина го напушти незнабоштвото на својот татко и стана христијанка. Осуден на смрт и изведен на губилиштето Св. Харалампиј ги воздигна рацете кон небото и Му се помоли на Бога за сите луѓе, за да им даде Бог телесно здравје и спасение на душите и да ги умножи земните плодови.

„Господи, Ти знаеш дека луѓето се месо и крв; прости им ги гревовите и излеј ја Твојата благодат врз сите!“ После молитвата овој свет старец ја предаде својата душа на Бога пред да го спушти џелатот мечот врз неговиот врат. Пострада во 202 година. Неговото тело го зеде Галина и чесно го погреба.

Тропар
Маченикот Твој, Господи, Харалампиј, во страдањето свое прими венец нераспадлив од Тебе – нашиот Бог; имајќи ја, пак, Твојата поткрепа, ги порази мачителите и ја скрши немоќната дрскост на демоните. По неговите молитви, спаси ги душите наши.

Кондак
Откако се удостои со благодатта на свештенството, славен Харалампие, светло си ја украсил Црквата со божественото страдање, што храбро си го примил заради Христа радувајќи се, чесен светилнику на вселената, кој, како непобедлив, ги озаруваш нејзините краишта.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.