Се постави улично осветлување во индустриската зона „Прилеп 1“

BeFunky Collage

Се постави улично осветлување во индустриската зона „Прилеп 1“, проект вреден околу 1 милион денари, средства обезбедени од буџетот на локалната самоуправа. Со тоа многу ќе се подобри фреквенцијата и движењето во зоната и во вечерните часови. Претходно во зоната се изградија нови асфалтирани улици, тротоари, водовод и канализационен систем. Овие инвестиции чинеа околу 600.000 евра, пари обезбедени од буџетот на локалната самоуправа и Владата на РМ. Од нив 400.000 евра биле наменети за изградба на патната инфраструктура, а 200.000 евра за водоводните и канализациони системи.

_MG_2082

„Досега во зоната започнати се со градба 10-тина објекти, оваа година очекуваме со изградба да започнат уште 3 до 4 фабрики, за една година зоната ќе се комплетира и како што се гради зоната така ние ја пратиме и градиме инфраструктурата до самите објекти. Сакам да напоменам дека досега во зоната е изградена канализациона и водоводна мрежа, донесена е електрична енергија, изградени се улици и тротоари, со што оваа зона прерасна во една од најубавите индустриски зони во Македонија. Капацитетот на зоната ќе изнесува околу 1.500 вработувања кога ќе бидат изградени тука сите предвидени објекти и фабрики“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

_MG_2103

Зоната „Прилеп 1“ е вистински пример како треба да изгледа една современа индустриска зона затоа што тука прво се изгради инфраструктурата, па се започна со градење на објектите.

„Како одделение за урбанизам нашите служби претходно го сработија комплетното донесување на деталниот план за оваа зона, се изработија ажурирани подлоги, нанесување на теренот, реализирање на инфраструктурата и на крај продажба на сите 20 парцели. 10 – тина веќе се започнати со градба, а останатите се во фаза на вадење на потребната документација за објектите. Оваа зона може да послужи и како пример за сите останати детални планови, затоа што прво е направена инфраструктурата, а потоа се градат и објектите. Вака ќе се продолжи и во индустриските зони „Прилеп 2“ и „Прилеп 3“. „Прилеп 2“ е предвидена како зона со помали локации, а „Прилеп 3“ за поголеми капацитети, така што одредени локации во оваа зона се со големина и од 35.000 м2“, рече Илија Карески, раководител на сектор за урбанизам во Општина Прилеп.

_MG_2118

Напоредно со овие индустриски зони заедно со Владата на Македонија во последните неколку години Општина Прилеп ја развиваше и ТИРЗ – Прилеп лоцирана кај Алинци каде веќе се влезени компаниите „Гентерм“ и „Акомпласт“.

_MG_2079

„Во исчекување сме во ова зона да започне изградбата на фабриката на уште една мултинационална компанија, германски „ВИК“, која веќе има отворено канцеларија во центарот на Прилеп. Оваа зона во иднина, доколку се отворат сите фабрики на предвидените локации од околу 80 хектари, треба да апсорбира над 5.000 нови вработувања. Исто така моментално во тек е продажба и на локации и во индустриската зона „Прилеп 2“, која се наоѓа во близина на Сточниот пазар. Оваа зона е наменета за мали и средни претпријатија, од незагадувачка индустрија. Пет локации се веќе продадени, очекуваме годинава да започне и изградба на самите објекти, а до крајот на 2017 година планираме да се продадат и другите 10 локации во зоната „Прилеп 2“. Напоредно со ова се работи на Деталните урбанистички планови на индустриските зони „Прилеп 4“ и „Прилеп 5“. Тоа се околу 100 нови хектари за изградба на фабрики и погони со што Општина Прилеп станува една од најперспективните и најпримамливи општини во однос на привлекување на домашни и странски инвеститори“, додаде Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

_MG_2108

Освен странските инвеститори за овие зони наголемо се заинтресирани и домашните компании.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.