Фудбалскиот натпревар меѓу Победа и Шкендија Арачиново (0-1) доби свое „трето полувреме“. Се случи скандал кога лут навивач од Прилеп го скрши прозорот на соблекувалната со гостински навивачи, а веднаш потоа беше тргнат од страна на полициски службеник.
Поради тоа, со официјална реакција решија да се обратат и од страна на прилепскиот второлигаш. Победа објасни дека инцидентот е предизвикан од страна на гостинските фудбалери. Имено, дел од играчите на Шкендија Арачиново по крајот на мечот фрлале со шишиња вода кон трибината на која беа навивачите, по што следел инцидентот.
„Фудбалскиот клуб Победа од Прилеп уште еднаш покажа високо ниво на организација при одигрувањето на натпреварот против екипата на Шкендија Арачиново, кој се одигра во фер и спортска атмосфера сè до последниот свиреж на судијата.
Иако мечот помина без поголеми проблеми на теренот, по неговото завршување настана инцидент предизвикан од провокација на дел од гостинската екипа. Според присутните сведоци, кон домашната публика беа фрлени шишиња од страна на играчи и членови на гостинскиот тим, што предизвика реакција од дел од прилепската публика.
Навивачите на Победа, испровоцирани од ваквиот потег, спонтано реагираа, но ситуацијата брзо беше ставена под контрола благодарение на брзата интервенција на обезбедувањето и присутните редари, како и полицијата.
Од клубот ФК Победа истакнуваат дека натпреварот бил организиран според сите пропишани стандарди и мерки за безбедност, и дека инцидентот настанал исклучиво како резултат на несоодветното однесување на гостинската екипа по завршувањето на мечот.
И покрај непријатниот епилог, прилепскиот клуб останува посветен на спортскиот дух, фер-плејот и почитта кон сите противници, со надеж вакви појави да не се повторуваат на фудбалските терени, соопштија од клубот.
Се очекува да се види реакцијата од страна на Фудбалската федерација на Македонија и Дисциплинската комисија за ситуацијата.























