Сеќавање: 22 години откако не’ напушти еден од најголемите прилепчани на сите времиња

Денеска се навршуваат 22 години од смртта на Илија Милчин – едно од најголемите актерски имиња на македонската актерска сцена.

Милчин е роден во Прилеп во 1918 година. Завршил право на Софискиот универзитет во 1942 година. Во периодот од 1944 до 1947 година работел како драматург, а потоа како глумец и режисер во Македонскиот народен театар во Скопје. Бил уметнички раководител и режисер на Обласниот македонски народен театар во Горна Џумаја, Пиринска Македонија (1947-1948).

Од 1965 до 1968 година бил директор на Драмата на Македонскиот народен театар во Скопје. Неговиот преведувачки опус опфаќа голем број значајни дела од руски, хрватски, бугарски и француски автори. Добитник е на наградите: „11 Октомври“, „Кирил Пејчиновиќ“, „Јован Стерија Поповиќ“, „13 Ноември“, „Војдан Чернодрински“.

Негов син е режисерот Владимир Милчин.

Милчин има остварено бројни филмски улоги: Мис Стон (1958); Мирно лето (1962); Пресметка (1962); До победата и по неа (1966); Македонска крвава свадба (1967); Република во пламен (1969); Човек во црно (1970); Македонски дел од пеколот (1971); Исправи се, Делфина (1977); Пресуда (1977); Црвениот коњ (1981).

Режии: Стаклена менажерија од Тенеси Вилијамс (1954); На дното од Максим Горки (1954); Вештерките од Салем од Артур Милер (1955); Глорија од Ранко Маринковиќ (1957); Школа за озборување од Шеридан (1959); Кога бранот бучи/Деветтиот бран од Никола Јонков Вапцаров (1960); Црнила од Коле Чашуле (1961); Антигона од Софокле (1967); Дабот и ангорските зајаци од Мартин Валзер (1969); Три сестри од Антон Павлович Чехов (1970); Деца на сонцето од Максим Горки (1973); Хеда Габлер од Хенрик Ибзен (1976); Бесови од Фјодор Михајлович Достоевски (1978); Деца на сонцето од Максим Горки (1981/82); Антигона од Софокле (1982/83).

Починал на 11 март 2002 година во Скопје.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.